Атина – Годишнината од студентскиот бунт против хунтата во 1973 година во Грција, која секоја година на 17 ноември се одбележува со протестен марш од Политехничкиот факултет до Амбасадата на САД во Атина, нема да биде одбележана поради карантинот. Во Грција е воведена забрана за јавни собири на четири и повеќе лица, што предизвика остри реакции кај левичарски ориентираните партии. (МИА)
Белград – Големо количество оружје е пронајдено во околината на Бујановац пред неколку дена. Како што пишуваат српските медиуми, тоа ѝ припаѓало на т.н. Ослободителната војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац. Пронајдени се противтенковски мини, три сандаци муниција и уред за следење. Оружјето било скриено под карпа близу границата со Косово. (ТВ 21)
Тирана – Лидерот на најголемата опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша, обвини дека Албанија е последна на секое поле, додавајќи дека економијата е во криза, а здравството во колапс.
Тој оцени дека сето тоа е поради неспособноста на Владата да се справи со пандемијата на ковид-19 и додаде дека неговата партија пред повеќе од шест месеци предложила план со мерки за справување. („Алсат“)
Бисер балкански
Кандидати без освоен глас
Еколошката партија на Република Српска во Општина Источен Мостар на локалните избори во Босна и Херцеговина имаше двајца кандидати, но не освои ниту еден глас, покажале резултатите од пребројувањето на гласачките ливчиња. Од едно избирачко место, Миломир Сјеран и Тијана Вучиќ Калјаџиќ не добиле глас, што значи дека тие не гласале за самите себеси, пренесе телевизија Н1.
Ист случај во оваа општина беше забележан и со кандидатката на Социјалистичката партија, Ана Антељ, која остана без добиен глас, како и Амра Абаза, која беше кандидатка на Партијата на демократска акција (СДА).
Кандидати за избор на градоначалници што останале без освоен глас имало и на претходните избори во Босна и Херцеговина. Годинава се очекува по пребројување на гласовите на локалните избори да има нови имиња на кандидати што не добиле ниту еден глас.