Софија – Во Бугарија е регистриран рекорден број починати за едно деноноќие со 106 лица. Завчера беа регистрирани 3.816 новозаболени со ковид-19, од 8.826 тестирани лица.
Тоа е првпат од почетокот на епидемијата во Бугарија да има над сто починати луѓе од последици од новиот коронавирус. Во Бугарија има 5.922 активни случаи. Досега се регистрирани вкупно 78.976 заболени и 1.771 смртен случај. (Канал 5)
Атина – Обилниот дожд што падна во текот на вчерашниот ден предизвика поплави во источниот дел на грчкиот остров Крит. Поплавени се домови и улици, автомобили се нашле во морето, а противпожарната служба на Грција примила 230 повици за интервенција, од кои дел биле и за пренесување граѓани од поплавените делови. Според метеоролошката служба на Крит, биле регистрирани нешто помалку од 100 милиметри дожд. (МИА)
Љубљана – Во Словенија во изминатите 24 часа се направени 4.457 теста од кои се потврдени 1.048 нови случаи на заразени со коронавирусот, што е рекорд за разлика од минатите денови.
Процентот на позитивни тестови и понатаму е околу 24 проценти. Министерот за здравство Томаж Гантар понудил оставка, а тоа го истакнал особено доколку дојде до попуштање на мерките. („Индекс“)
Бисер балкански
„Исус. тоа сум јас!“
– Мандатарот Кривокапиќ соопшти дека неговите министри ќе бидат апостоли. Со тоа, наводно, е најпобожниот мандатар во историјата на Црна Гора, а себеси се спореди со Исус. Своевремено „Битлси“ имаа голем проблем со религиозните Американци, затоа што Џон Ленон тврдеше дека неговата група е „попопуларна од Исус“. Кривокапиќ отиде неколку чекори понапред од Џон Ленон. Отиде и подалеку од Луј 14, кој, наводно, а веројатно не го изговорил: „Државата, тоа сум јас!“. Здравко, имено, вели: „Исус, тоа сум јас!“ – коментар на Андреј Николаидис, книжевник и колумнист, во неговиот авторски текст објавен на Ал џезира, за составот на новата црногорска влада.