Подгорица – Црна Гора побара од Европската Унија и од НАТО итна помош во обезбедување дополнителен број здравствени работници, кои ќе им помогнат во борбата против коронавирусот. Како што изјави министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ, здравствениот систем е пред пукање.
Во писмото до колегите во земјите-членки на ЕУ, Радуловиќ побара, доколку се во можност, итно да испраќаат лекари, техничари и друг медицински персонал во Црна Гора. (РТЦГ)
Атина – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис повика на „воздржаност и смиреност“ по насилните судири меѓу полицијата и демонстрантите, кои избувнаа за време на протестот во предградијата на Атина против полициското насилство. Демонстрантите излегоа на улиците откако беше објавено видео на социјалните мрежи, на кое наводно се гледа како полицијата му се заканува на маж. („Катимерини“)
Љубљана – Словенија в недела ќе им оддаде почит на луѓето што починаа од коронавирусот и ќе им изрази сочувство на нивните семејства на меморијалната церемонија во Љубљана, на гробиштата Жале, каде што ќе се обрати и претседателот Борут Пахор. Во паркот на гробиштата ќе биде засадена жална врба во спомен на жртвите на коронавирусот. Во Словенија досега починаа 4.163 лица, соопшти Националниот институт за јавно здравје. (СТА)
Бисер балкански
Изнајмување катализатор
„Не можете да поминете на технички преглед бидејќи немате катализатор? Поскапо ви е да вградите нов? Изнајмете катализатор за периодот кога ќе извршите технички преглед. Изнајмувам универзални катализатори. Цена 15 евра. (периодот на изнајмување е 48 часа, време што е потребно да се вгради и помине на технички преглед)“. Ова е содржината на огласот објавен на социјалните мрежи во Србија, кој предизвика големи реакции кај граѓаните.
Според новиот закон за безбедност на сообраќајот, од 5 јули годинава сопствениците на возилата без катализатори нема да можат да ја продолжат регистрацијата. Повеќе од 100 илјади возила во Србија не ги исполнуваат новите услови што се однесуваат на почитувањето на ограничувањата на штетните издувни гасови, што се должи на неисправен катализатор или поради негово отстранување, при купувањето половни возила од странство. Цената за вградување на нови катализатор се движи од 50 до 1.500 евра, во зависност од моделот на возилото и дали делот е универзален, заменски или оригинален.