Сараево – Во БиХ е регистриран рекорден број заразени со коронавирус во последните 24 часа од почетокот на пандемијата. Според официјалните податоци, вкупно 119 лица се позитивни на ковид-19, од кои 62 во Република Српска и 57 во Федерацијата БиХ. Досега се регистрирани 49 смртни случаи, два во последните 24 часа, и тие се постари мажи. („Аваз“)

Подгорица – Црногорската полиција привела десетици демонстранти по завчерашните просрпски протести во Подгорица и во неколку града во државата. Протестите беа организирани од опозициски сили, кои бараат поблиски односи со Србија и со Русија. Протестите беа рефлексија на политичките тензии во Црна Гора во пресрет на парламентарните избори, кои се закажани на 30 август. (РТЦГ)

Тирана – Албанија го менува Законот за барателите на азил на нејзина територија, со кој одговор на барањето треба да се даде во рок од десет дена. Проблематичната состојба создадена во земјата од зголемениот прилив на илегални имигранти, но и нивната вмешаност во низа кривични дела, ги натера властите да направат измени во Законот за бегалци. Со новата законска регулатива се регулираат начинот на менаџирање на бранот мигранти, нивното третирање на територијата на Албанија и обезбедувањето азилантски статус. („Ора њуз“)


Бисер балкански

Идеализирана здравствената струка

– Јасно е дека сме изманипулирани, за тоа дека овој викенд малку ќе стегнат, а следниот месец да ги попуштат мерките или дека ќе ги укинат. Има многу повеќе политички интереси отколку здравствени. Здравствената струка беше идеализирана, познатата фраза „рече струката“ беше користена како табу, како самиот господ да кажал. Видовме дека струката не е единствена, а политичарите го зазедоа Кризниот штаб со луѓе што им одговараат и кои ги застапуваат нивните интереси. Тие не беа тука да информираат, туку да манипулираат со луѓето – рече психологот Жарко Требјешанин, за оцената на Кризниот штаб против короната во Србија, во изјава за неделникот „Време“.