Софија – Раководителката на кабинетот на премиерот Бојко Борисов, Деница Желева, има позитивен тест на ковид-19. Премиерот на Бугарија е ставен во карантин. Деница Желева имала позитивен тест завчера попладне, соопшти владината прес-служба. Во понеделникот, 20 јули, владината прес-служба објави дека се утврдени два случаја на вработени инфицирани со ковид-19 од администрацијата на министрите, што доведе до тоа зградата да биде затворена на 21 јули за целосна дезинфекција. („Труд“)
Приштина – Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека нема да дозволи процесот на дијалог со Србија да се спушти на техничко ниво.
– Под никакви околности не смееме да дозволиме овој процес да се спушти на техничко ниво – рече тој, додавајќи дека на крајот на дијалогот мора да се случи меѓусебно признавање, целосно почитување на територијалниот интегритет и потоа мора да се решат другите прашања. („Локално“)
Бисер балкански
Идеален претседател
– Можете да разговарате со европските официјални лица колку сакате, но тие не ве слушаат. Тие имаат свој план. За нив идеален претседател на Србија би бил тој што ќе ги прифати сите нивни барања под притисоци и уцени – рече Александар Вучиќ, за тоа каков би бил идеалниот претседател на Србија од аспект на Европа.
Тој, во изјава за еден странски портал, вели дека сѐ уште има енергија да ја извршува оваа работа, за која вели дека не е лесна и нагласува дека додека е претседател на државата, ќе даде сѐ од себе и ќе се бори силно и со целата енергија што ја има.