Софија – Завршувајќи ја својата посета на Бугарија, претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Соуза, истакнат професор по право и политички науки и истражувач, одржа и предавање на тема „Европа – перспектива за иднината“. Де Соуза кажа дека треба да размислуваме за иднината на Европа за да ги исполниме надежите на луѓето. Нејзиното идно глобално место зависи од исполнувањето на сите предизвици со кои се соочува ЕУ и истакна дека најголемата сила на Европа е знаењето. („Алсат“)
Атина – Пешачка зона и велосипедска патека во должина од 22 километри, меѓу другото, вклучува планот на грчката влада за обнова на јужниот дел на Атина, односно на атинската ривиера во рамките на проектите планирани од Фондот за закрепнување и владината програма „Грција 2.0“. Проектот се однесува на атинската ривиера, која е во должина од околу 70 километри, а го презентира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. (МИА)
Белград – Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) на својата веб-страница објави дека вчера на институтот „Торлак“ почна производството на руската вакцина „Спутник В“ во Србија. Според рускиот фонд, Србија стана првата земја во Јужна Европа што ја произведува оваа вакцина, а која ќе може да се извезува и за другите земји во регионот. До денес, „Спутник В“ е регистрирана во 60 земји во светот, со вкупно население од три милијарди луѓе. („Новости“)
Бисер балкански
Замрзнати или трајни конфликти?
– Европската Унија одвои 20 милијарди евра помош за Хрватска, за да заздрави од последиците на корона-кризата, а за Србија 200. Значи, пер капита за ЕУ е еден Хрват вреди како 200 Срби – изјави историчарот Срѓа Трифуновиќ, кој објаснува каков е односот на ЕУ кон Србија.
Според него, Србија во преговорите за Косово не треба да прифаќа ништо неприфатливо, а во исто време треба да купува време, со тоа што секоја опција ќе ја смета за вредна за размислување.
– Сите рокови што доаѓаат од Запад се непостојни. Ако Палмер и Лајчак речат дека имаме рок до 30 октомври, тоа не вреди ни пет пари. Ако израелско-палестинскиот судир трае од 1947-та, ако поделбата на Кипар трае од 1974-та, тоа не се замрзнати, туку трајни конфликти. Не ја сакам приказната дека не смееме да им оставиме на децата замрзнати конфликти – изјави Трифуновиќ, пренесува „Новости“.