Белград – Собранието на Србија усвои измени и дополнувања на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се воведуваат казнени мерки и му се даваат поголеми овластувања на министерот за здравство Златибор Лончар. Со измените и дополнувањата на законот се воведени казни за неносење заштитни маски, околу 40 евра за физички лица и од 400 до 2.550 евра за правни лица, а санитарната и комуналната инспекција и комуналната полиција ќе бидат одговорни за спроведување на казнените мерки. (РТС)

Атина – Властите во Грција го потврдија присуството на ковид-19 на две фарми за куни на северот на земјата, а била издадена наредба да се убијат 2.500 куни од фарма во северниот регион Кожани. Одгледувач на куни на една фарма е исто така заразен со коронавирус. Трговијата со крзно е важна гранка на индустријата во Кожани и блискиот округ Касторија, каде што се наоѓа друга фарма за куни. („Макфакс“)

Сараево – Во изминатите 24 часа, во Заводот за јавно здравство на Федерацијата БиХ е пријавен 31 смртен случај. До денес вкупниот број на смртни случаи во Федерацијата БиХ е 1.096.
Во Република Српска во последните 24 часа се потврдени нови 511 случаи на ковид-19 од 1.286 тестирани примероци. Во Република Српска во последните 24 часа починале 26 лица кај кои е потврдено присуство на вирусот, велат од Институтот за јавно здравство на РС. („Аваз“)


Бисер балкански

Заблудите на критичарите епидемиолози

– Никогаш нема да има значајни разлики во стручните погледи на сите проблеми што се јавуваат во текот на ова пандемија. Критиките најчесто се однесуваат на ефикасноста од спроведување на противепидемиските мерки. Тука лежи социјално интересната заблуда од типот „нас сите ќе нѐ слушаат беспрекорно“, што нема никаква врска ни со стручноста, ни со политиката, туку со лични видувања во општеството, општествените односи и сопствената беспрекорност. Особено внимателно го следам секој збор од здруженијата против ковид-19, затоа што секогаш може нешто дополнително да се научи. Различностите секогаш ќе ги има и се обидувам да бидам достапен за сите. На оние што лично ме навредуваа без основа сакам да им бидам достапен. Заблудите на поединците, колку и да биле големи стручњаци, академски посебни и значајни професори, сепак нема да бидат никаков придонес – кажа Предраг Кон, епидемиолог и член на Кризниот штаб за борба против коронавирусот, за критиките што ги упатуваат за неговата работа и за работата на националниот тим за справување со епидемијата во Србија.