Приштина – Претседателката на косовскиот парламент, Вјоса Османи, ја прекина соработката со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), додавајќи дека е предоцна партијата на Иса Мустафа да побара поддршка од неа во случај на вонредни избори. Османи кажала дека тоа е нејзиниот одговор на одлуката на ЛДК од 20 јуни, кога беше сменета од позицијата потпретседател на партијата.
– Тука заврши сѐ – рече Османи. Таа, исто така, ја оставила отворена можноста за соработка со претседателот на движењето Самоопределување на Албин Курти. („Индексонлајн“)
Тирана – Албанија ги зголемува државните резерви во злато. Монетарното злато сега сочинува 3,6 отсто од девизните резерви на Aлбанија. Статистичките податоци на централната банка на Албанија покажуваат дека резервите на злато скокнаа за 73 отсто во споредба со лани. Вредноста на златото е зголемена за околу 32 отсто и ова е профитабилно како инвестициски инструмент на девизната резерва на земјата. („Фактор“)
Загреб – Министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош, соопшти дека досега се потрошени 198 милиони куни или околу 26,2 милиони евра за тестови за коронавирус.
– Ако на тоа ги додадеме трошоците за лекување на пациентите, износот е многу поголем. Но парите не се важни, важна е соодветната грижа за болните – рече Берош.
Бројот на активни случаи во Хрватска изнесува 2.614. (Нова ТВ)
Бисер балкански
Договор без важност!
– Собирот во Вашингтон уште еднаш потврди дека немаме државни институции што ја работат својата работа и за тоа дека сите наши внатрешни и меѓународни односи се сведени на нагласена персонализација на политиката што ја застапува Александар Вучиќ. Србија и нејзината делегација не ги знаеја содржината на документот, бидејќи за тоа не се расправаше во Собранието на Србија или во друг надлежен државен орган. Добивме решенија што не се обврзувачки затоа што не се работи за меѓународен договор, кој ќе се ратификува во органите на законодавната власт во трите субјекти што го потпишаа документот, односно на два субјекта затоа што Америка вели дека ништо не потпишала – рече Јелица Курјак, поранешна амбасадорка на Србија во Русија.