Белград – Од почетокот на пандемијата, досега во Србија 10.018 луѓе ја изгубија битката со коронавирусот. Српските здравствени власти информираат дека во изминатите 24 часа се потврдени 5.896 нови случаи. Моментално во Србија се хоспитализирани 6.760 пациенти, од кои 290 се приклучени на респиратор. Изминатиот еден месец во Србија само два дена имаше под 50 смртни случаи регистрирани дневно како последица од ковид-19. („Новости“)
Тирана – Премиерот на Албанија, Еди Рама, ќе учествува на состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“, што се одржува денеска и утре во Белград. Од кабинетот на албанскиот премиер е потврдено дека по оставката на Зоран Заев нема да има одложување на состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ, а најавено е во Белград да пристигне и претставник на македонската влада.
Вчера, белградските медиуми пренесоа информација дека непознати лица насилно ги симнале албанските знамиња што биле поставени во чест на албанскиот премиер, кој заедно во Вучиќ и Заев е иницијатор на „Отворен Балкан“. („Б92“)
Загреб – Голем број руски државјани ја искористиле можноста за вакцинирање против ковид-19 на некои од пунктовите во Хрватска, без да се најават претходно. Една туристичка агенција од Русија организира патувања во Хрватска за руските граѓани што се заинтересирани да се вакцинираат со некоја од вакцините што се признаваат во Европската Унија.
– Овие вакцини ги немаме во Русија и жалам што тоа е единствената причина за вакцинација во Хрватска – изјави една руска државјанка. (Н1)
Бисер балкански
Директивата на Гренел!
– Поранешниот специјален пратеник на Белата куќа за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Ричард Гренел, ни даде во март 2020 г. седум дена да го симнеме од власт Албин Курти. Имавме јасно и точно напишано седум дена да ја урнеме Владата. И секој ден стигнуваше порака, 7, 6, 5 нема ништо ново… – изјави Арбен Гаши, шефот на пратеничката група на ДСК во косовското собрание.
Оваа изјава Гаши ја даде во разговор за „Канал 10“, во кој повтори дека Владата на Курти има арогантен однос кон опозицијата, а како што рече, таквото однесување доведува до пад на довербата кај народот, пренесува Б92.