Атина – Грчкиот парламент едногласно одобри построг закон за злоупотреба на животни, кој сега се смета за сериозно кривично дело, а сторителите ќе бидат осудени и на казна затвор до десет години. Грчката полиција објави дека од јануари до јуни годинава примила 2.644 пријави за злоупотреба на животни и дека биле поднесени 778 жалби. („Канал 5“)

Љубљана – Во текот на завчерашните непријавени протести против мерките на Владата биле повредени четворица припадници на специјалната полиција на Словенија, а биле уапсени неколку демонстранти. Министерот за внатрешни работи Алеш Хојс рече дека во протестите учествувале од 400 до 600 лица, кои ги нарече „анархисти“, а меѓу нив биле забележани и припадници на екстремните навивачки групи. („Хина“)

Подгорица – Угостителите од Црна Гора објавија дека нема да ги затворат своите објекти од вчера на полноќ, кога треба да стапат во сила новите епидемиолошки мерки во Подгорица, Цетиње, Будва и во Улцињ. Претходно, здравствените власти воспоставија таканаречен систем на семафори, што значи дека општините со повеќе од 1.200 заразени лица на 100.000 жители влегле во црвената зона со рестриктивни мерки што вклучуваат полициски час. („Вијести“)


Бисер балкански

Декларација за Трамп

– Барам од Владата на Србија да донесе декларација со која се осудува фалсификувањето на гласовите на претседателските избори во САД, во корист на демократот Џозеф Бајден. Особено во федералните држави Мичиген и Висконсин. Светот можеше да се увери како со лопата се уфрлаат гласачки ливчиња со заокруженото име на Бајден. Владата на Србија треба да пристапи принципиелно и откако со потпишувањето на декларацијата ги осуди изборите во Белорусија, а кои беа легални. Сега треба да се осуди флагрантното кршење на волјата на граѓаните на САД – изјави Војислав Шешељ, претседател на Српската радикална партија, кој на прес-конференција побара Владата на Србија со декларацијата да го поддржи противкандидатот на Бајден, републиканецот и актуелен претседател на САД, Доналд Трамп.