Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, разговараше денеска преку видеоврска со раководството на „Синофарм“ за процесот на набавка на вакцини, изградбата на кинеска фабрика за вакцини во Србија, како и за изградбата и опремата на српските болници, соопштија од кабинетот на српскиот претседател. За време на состанокот, потпишан е Договорот за набавка на два милиони нови дози вакцини од „Синофарм“. („Новости“)
Тирана – Во Албанија, како последица од ковид-19, досега починаа осум новинари, а неколку десетици медиумски работници се заразени при извршување на нивните секојдневни работни задачи, информира Унијата на новинари. Новинарите сметаат дека вакцинацијата за медиумските работници е задоцнета и оти тие требало да бидат опфатени заедно со здравствените работници. („Локално“)
Атина – Министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас Рок, даде рок од 48 часа приватните лекари доброволно да се пријават за да му помогнат на здравствениот систем што е под огромен притисок, инаку во спротивно ќе побара мобилизација. Кикиљас уште еднаш упати апел до приватните доктори, особено до пулмолозите и општите лекари да помогнат во „оваа многу тешка битка“ и да ги поддржат и нивните колеги од државните болници, но и пациентите што се хоспитализирани. („Независен“)
Бисер балкански
Двојка за онлајн наставата
Половината од професорите во Србија организирањето на онлајн наставата за време на пандемијата на коронавирусот го оценија со двојка. Речиси 14 отсто од професорскиот кадар за наставата дале оценка единица, а помалку од еден отсто за онлајн дале оценка петка. Во анкетата што е спроведена во Србија учествувале 400 наставници, кои се изјасниле дека виртуелната настава треба да се подобрува, објави порталот „Нова економија“.
Најголем проблем за една третина од професорите е тоа што учениците за време на пандемијата наставата не ја сметаат за сериозна. Како проблем се посочува и недоволната опременост на наставничкиот кадар и на учениците. Заедничка оцена е дека материјалот за предавање е преобемен. Над половина од наставниците, или 65 отсто од нив, имале проблеми во комуникацијата или соработката со родителите во текот на ковид-кризата или во одржувањето на онлајн наставата.