Брисел – Високите претставници на Европската Унија испратија заедничко писмо до министрите за надворешни работи на Западен Балкан, со кое се потврдува укинувањето на ограничувањата за извоз на медицинска опрема од ЕУ во Западен Балкан. Во писмото се наведува дека ЕУ е целосно посветена на меѓународната соработка и продолжува да им помага на најранливите земји во светот, особено на Западен Балкан, како најблиски партнери. („Макфакс“)

Подгорица – Во Црна Гора два дена по ред нема нови случаи на заболени од новиот коронавирус. Во изминатите 24 часа се анализирани 97 примероци, соопшти Институтот за јавно здравје во Подгорица. Заменик-директорот на Институтот за јавно здравје, Сенад Бегиќ, истакна дека Црна Гора го избегнала најлошото сценарио, со тоа што навреме ги спровела заштитните мерки. Во Црна Гора вкупниот број на заразени лица останува 321. (РТЦГ)

Тирана – Прексиноќа е регистриран земјотрес со интензитет од 3,4 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот на земјотресот бил во Дервен, кај Фуш Круја, на длабочина од 34 километри. Освен вознемиреност, не се регистрирани повредени лица или материјална штета. Земјотресот со мал интензитет е почувствуван и во западните делови на Македонија. („Коха“)


Бисер балкански

Гледање во грав

– ММФ своите проекции ги правеше во моментот кога не се знаеше колку ќе трае пандемијата. Овие прогнози се нешто попрецизни од гледањето во грав, но не многу. Да беше економијата егзактна наука, големите разлики во споменатите прогнози на ММФ и на Светската банка немаше да бидат можни. Србија, веројатно, ќе има помал економски пад од најголемите земји во Европа. Тоа секако е добро, но тоа не сведочи за силата на српската економија. Неминовниот голем буџетски дефицит што Србија ќе го оствари годинава е непријатен, но ќе биде погубен ако тој се финансира од девизните кредитори.

Широкоградото подместување помош во вид на евтини странски кредити, а тоа секако ќе се случи, само е замката и проверен механизам за уништување на слабите економии. Ќе повторам, добро проценета и насочена примарна емисија на домашната валута е далеку помало зло, од долгорочното и ризично надворешно задолжување. Само будалестите држави се одрекуваат од предноста што им ја дава домашната валута и само таквите држави користат туѓа испечатена „хартија“ наместо сопствената, наседнувајќи на монетарни бајки – вели Небојша Катиќ, економист со сопствено видување за излезот од корона-кризата во Србија, објавено во „Политика“.