Фото: Архива

Подгорица – Црногорската влада утврди измени на Законот за данок на добивка, со кој се предлага премин од пропорционално во прогресивно оданочување, со што би се зголемиле буџетските приходи за приближно 25 милиони евра. Со овие измени се предлага премин од пропорционално (даночна стапка од девет проценти без разлика на висината на оданочливата добивка) кон прогресивно оданочување на приходите на претпријатијата во зависност од висината на оданочената добивка, по стапки од 9, 12 и 15 проценти, соопштија од црногорската влада. (РТЦГ)

Љубљана – Во Словенија во последните 24 часа се потврдени нови 3.662 заразени со коронавирусот, помалку од претходниот ден кога беа потврдени 3.771 корона-инфекција. Позитивни биле 38,1 отсто од спроведените тестирања, а бројот на активните случаи во моментов изнесува 35.216. Поради тешката епидемиолошка ситуација во земјата, Владата воведе нови мерки што ќе почнат да се применуваат од понеделник. (СТА)

Атина – Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, деновиве предупредува на ризикот од можно лизгање кон минатото во балканските држави, кои се претенденти за влез во ЕУ. Тој го направи тоа во интервјуто дадено за весникот „Врадини“.
Тој истакна дека владите доаѓаат и си одат, но дека обврските од Преспанскиот договор остануваат. „Нова демократија не гласаше за договорот од Преспа и имаше остри приговори за конкретни точки, за чии последици, на најинституционален начин предупреди во грчкиот парламент. Но не криеше, како по изгласувањето на договорот така и од првиот момент кога ја презеде функцијата, дека ќе го спроведе“, истакна Дендијас. („Независен“)


Бисер балкански

Вучиќ прими трета доза вакцина

– Имав чест да ја вакцинирам половина влада. Имам блага трема од камерите и апаратите, а од давањето на вакцината немам, бидејќи целиот работен век го правам тоа – изјави Мирјана Новаковиќ, медицинска сестра, која вчера го вакцинира српскиот претседател Александар Вучиќ, со трета доза од кинеската вакцина „Синофарм“.
Вучиќ ги повика сите граѓани да се вакцинираат, а во исто време и упати благодарност за сите медицински работници, кои една година се соочуваат со предизвикот за вакцинација на населението и со лекување на пациентите што се заразени од коронавирусот.