Атина – Доказ за вакцинација, доказ за негативен ПЦР или антигенски тест или доказ за прележана болест, заедно со основните лични податоци, содржи европскиот дигитален ковид-сертификат што вчера беше презентиран во Атина од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во присуство на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас. („Независен“)

Љубљана – Во Љубљана за вчера се најавени големи антивладини протести откако повеќе организации и движења, вклучувајќи и синдикати и опозициски партии, го потврдија своето учество. Минатиот петок, митингот беше првиот што го објави движењето што стои зад „велосипедските“ протести, кога на Владата ѝ беше даден ултиматум да поднесе оставка или да се соочи со масовен „бунт“ сѐ додека не бидат распишани предвремени избори. Пет големи синдикати се меѓу оние што потврдија дека ќе учествуваат во протест поради нарушувањето на социјалниот дијалог од страна на Владата. (СТА)

Белград – Во Србија досега се дадени вкупно 4.424.791 доза од вакцините против коронавирусот, а 1.962.348 лица ги примиле двете дози. Вкупниот број на граѓани што ја примиле првата доза и оние што ги примиле двете дози е 2.462.443. Завчера во Србија се тестирани 9.986 лица, а потврдени се 326 нови случаи. Починаа 12 лица. (РТС)


Бисер балкански

Во војска на (пре)воспитување!

– Во начело, речиси две третини од граѓаните се за воведување задолжителен воен рок, но прашањето за мотивот е важно. Најчесто родителите се за тоа, но пред сѐ поради воспитни мерки за своите деца, што мислам дека не е баш исправен мотив. Според мене, главни мотиви треба да бидат безбедноста, стабилноста со служењето во сопствената држава, идеалите на кои настанаа темелите на оваа хрватска војска, како и храброста и желбата дека се чувствуваме сигурно и суверено – изјави Марио Баножиќ, хрватски министер за одбрана, за неслужбениот предлог за задолжително служење воен рок во Хрватска.
Служењето воен рок во Хрватска е суспендирано во 2007 година поради недоволниот интерес на младите, кои во најголем број се одлучуваа за цивилно служење на воената обврска.