Тирана – Во Албанија продолжуваат несогласувањата за изборната реформа меѓу владејачкото мнозинство и вонпарламентарната опозиција, откако социјалистите по постигнатиот договор на петти јуни побара уставни измени со кои со новиот Изборен законик се укинуваат изборни коалиции. За овие измени прексиноќа постигнаа договор пратениците од власта и од парламентарната опозиција, на средба со премиерот Еди Рама, што следуваше по неговата средба со американската амбасадорка Јури Ким. („Коха“)

Софија – Бугарија е генерално еднопартиска држава без одржлива политичка алтернатива што го оспори сегашниот режим. На нацијата ѝ недостигаат слободни и независни медиуми. Без силно и независно судство, тешко е да се постигнат странски инвестиции и други придобивки од демократијата. Демонстрациите се важен показател дека луѓето сакаат промена. Бугарскиот народ мора да направи вистинска промена во националната политичка структура – изјави поранешниот амбасадор на САД во Бугарија, Џејмс Пердју. („Сега“)


Бисер балкански

Венчавките преполовени

Лани во Федерацијата на Босна и Херцеговина биле склучени 12.266 брака, или просечно секој месец околу 1.000. Во првите четири месеци во 2020 година месечно се склучувале околу 500 брака. Во ентитетот Република Српска ланската година имало склучено 5.823 брака, а за 2020 година нема податоци.
Во Бања Лука за периодот март, април, мај биле резервирани 159 термини. Еден дел од нив е откажан на неопределено време, а другите се одложени за два-три месеца. Најмногу откажани венчавки имало во април годинава, а пред матичар тој месец застанале само шест двојки. Но во Мостар во јуни и јули се склучени повеќе бракови од лани. Причината е олабавувањето на мерките против епидемијата и доаѓањето на печалбарите, кои сакаат венчавката да ја направат во родниот град.