Атина – За македонските државјани, границите на Грција остануваат затворени уште една седмица, со оглед на тоа дека грчката влада ги продолжи до 26 април 2021 година министерската одлука за копнените граници и забраната за влез на државјани за трети земји.
Во новата министерска одлука има промени за државјани на одредени земји, како што се членките на ЕУ, Израел, Србија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и САД, за кои не важи задолжителниот карантин при пристигнувањето, а отворен е уште еден граничен премин, освен од Промахонас (Кулата), туристите и преку Нимфеас (Маказа) од Бугарија ќе можат да влезат во Грција, но под специјални правила, како што е негативен ПЦР-тест или сертификат за вакцинација. (МИА)

Тирана – Од кабинетот на албанскиот претседател Илир Мета, по барање на медиумите, го изнесоа ставот за изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој коментирајќи ги изборите во Албанија, меѓу другото изјавил дека зад лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, стои поранешниот претседател и бивш премиер Сали Бериша. Портпаролот Теди Блуши, повикувајќи се на сигурни анкети, најави победа на Алијансата за промени (опозицијата) со повеќе од две третини од пратеничките места. (Алсат)

Љубљана – Словенија од вчера ги олесни здравствените мерки и, според одлуката на Владата, ќе може да се соберат до 100 лица на отворено, а исто така луѓето ќе може да седат на терасите од кафулињата и рестораните во повеќето делови на земјата првпат по шест месеци. Собирање до 100 луѓе ќе биде можно на организирани собири во затворено, но ќе треба да се следат препораките за безбедност. (СТА)


Бисер балкански

Вакцинација „од Вардар до Триглав“

Попусто беа скапите спотови за Србија на Си-ен-ен, попусто природните убавини, ќебапи, кајмак, ајвар и пеглан колбас, како и традиционалното гостопримство и најубави жени во белиот свет. Давај само игла, шприц и векторска течност што ни го кодира остриот протеин во безопасниот аденовирус! Станува збор за научна тинктура, за многу разумни граѓани на постјугославија, кои седнуваат во своите автомобили и тргнуваат на пат во Србија. Затоа што го зборуваат истиот јазик и лесно се разбираат со лекарите, со медицинските браќа и сестри на нашето трајно братство единство – пишува Алексеј Кишјухас, социолог и доцент на Филозофскиот факултет во Нови Сад, во коментар за „Данас“, во кој се осврнува на вакциналниот туризам во Србија, во која, како што вели, се вакцинирале 22.000 странски државјани „или вакцинални туристи од Вардар до Триглав (и од Ѓердап до Јадран), а попатно и со полн авион албански стјуардеси“.