Сараево – Во Сараево е надминат апсолутниот температурен максимум за јули, откако завчера беа измерени 38,5 Целзиусови степени. Претходниот апсолутен максимум беше пред 20 дена, кога на 8 јули беа измерени 38,4 степени. Според Федералниот хидрометеоролошки институт, претходната рекордна температура за јули била измерена во 2000 година и изнесувала 38,2 степена. Во моментов во БиХ е во сила портокалов метеоролошки аларм. („Аваз“)
Љубљана – Претседателите на Словенија и на Русија, Борут Пахор и Владимир Путин, во телефонски разговор се согласија денот на церемонијата во руската капела под алпскиот премин Вршич во Словенија да биде Ден на словенечко-руското пријателство. Руската капела е изградена во 1916 година од руски воени заробеници, во спомен на 110-те паднати соборци што ги однесе лавина за време на изградбата на патот преку Вршич за австриските сили во Првата светска војна. (СТА)
Подгорица – Две лица што беа целосно вакцинирани починаа во Црна Гора како резултат на коронавирусот, изјави вчера епидемиологот од Институтот за јавно здравје, Милена Поповиќ Самарџиќ.
– Во некои групи, како што се постари лица со послаб имунитет, можеме да очекуваме недостиг од имунолошки одговор како во овие два случаи – посочи Поповиќ Самарџиќ. (РТЦГ)
Бисер балкански
Важно се на море!
– Некој ќе рече – храброст, друг – лудост. Трети – треба ли да се осудува безгрижноста на народот што преживеал и многу полошо? Што може да го загрижи или да го уплаши некој што ги преживеа санкциите и војните во деведесеттите, кој ги памети редовите за леб, бомбардирање и звукот на сирените? „Немирно“, „нестабилно“, „криза“, стана дел од менталитетот, како да е забележано во ДНК-кодот, па тоа што мнозинството во светот ќе го вознемири, се чини народот од Србија и не го забележува – пишува Бојана Царановиќ, во коментарот во „Новости“, за одлуката на српските туристи да останат на плажите во Тунис, додека во земјата се случуваат протести, социјални немири, политичка криза и полициски час. Во српските агенции изјавуваат дека никој од туристите што се или ќе летуваат во Тунис не ги одложил планираниот лет и однапред платениот одмор на оваа туристичка дестинација во северна Африка.