Загреб – Хрватска во саботата вечерта ја зафати силно невреме, проследено со силен дожд, грмежи и град. Најпогоден од невремето беше Загреб, некои улици во градот се поплавени, а сообраќајот беше отежнат. Невреме го зафати и Јадранот. Европскиот центар за предвидување појава и интензитет на бури „Естофекс“, за недела го стави под втор степен подрачјето по должината на Јадранот. Тоа значи локално пообилни врнежи, можни поплави, град, урагански ветрови. („Индекс“)

Сараево – Централната банка на БиХ објави нов извештај, според кој, бројот на блокираните сметки на деловните субјекти е зголемен во споредба со претходната година. На 1 октомври 2020 г. биле блокирани 96.082 сметки. Бројот на блокираните фирми е зголемен за 555, во однос на лани. („Кликс“)

Бања Лука – Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, изјави дека му е благодарен на неговиот хрватски колега Жељко Комшиќ што го изнесе прашањето за признавање на независноста на Косово пред Претседателството на БиХ, бидејќи на тој начин БиХ ќе има официјална одлука да не го признава Косово.
– Комшиќ направи феноменална работа за нас. Ќе имаме одлука БиХ да не го признае Косово и официјално и конечно – изјави Додик. („Српскаинфо“)

 


Бисер балкански

Бурна есен

– По обновувањето на дијалогот, гледаме дека работите не одат толку сјајно, како што замисли специјалниот посредник на ЕУ Мирослав Лајчак. Ќе се случат некои одложувања во однос на тоа што е предвидено во иницијалниот план на Лајчак, процесот да се заврши до крајот на годината. Мислам дека е тешко да се дојде до политичко решение, поради тоа што не постои заедничка визија, а наративите се толку непроменливи, што едноставно во овој момент не е можно да се дојде до приближување на позициите. Нѐ очекува бурна есен поради обвиненијата од Специјалното обвинителство против Хашим Тачи и Кадри Весели. Натамошната конфронтација е поизвесно сценарио отколку постигнување на политички договор – рече Драгиша Мијачиќ од Националниот совет за ЕУ во настап на ТВ Н1.