Сараево – Пандемијата на коронавирусот влијаеше на намалување на бројот на крводарители во Босна и Херцеговина. Бројот на дарители значително се намали во однос на претходниот период – изјави Индира Кријешторац, портпаролка на Црвениот крст на ФБиХ. Претходните години просечно се собирале околу 20.000 дози крв. („Дневни аваз“)
Белград – Пред осумнаесет години, на 12 март 2003 година, во дворот на зградата на српската влада е убиен премиерот на Србија и лидер на Демократската партија, Зоран Ѓинѓиќ. За неговото убиство беа осудени припадниците на Земунскиот клан и Единицата за специјални операции. Политичката заднина на убиството до денес не е разјаснета. Во полициската акција „Сабја“, беа уапсени атентаторот Звездан Јовановиќ, поранешен помошник-командант на ЈСО, неговите помошници и уште неколку припадници на таа единица. (Б92)
Бисер балкански
Бугарска плата
Ентузијазмот на премиерката Ана Брнабиќ се темели на податокот за декемвриската плата во Србија, која порасна на 562 евра. И навистина сме на чекор до бугарските 582 евра. Но несреќата е во тоа што декемвриската плата е секогаш балон напумпан со новогодишните бонуси. По 31 декември издишува, како и сите други балони со кои го украсуваме домот. Во јануарските плати нѐ очекува отрезнувањето и ќе нѐ врати во реалноста дека просечна плата во 2020 година во Србија била само 510 евра, споредено со просекот во Бугарија од 555 евра. Но и да се оствари ветувањето, со тоа ќе се вратиме на старо пред пет-шест години кога Србија имала поголеми плати и од Бугарија и од Романија, и тогаш членки на ЕУ. Во меѓувреме, тие отидоа понапред, а ние почнавме да заостануваме, толку што и Црна Гора нѐ престигна. Пред да ја стигнеме европската метропола Софија, прво треба да престанеме да ѝ гледаме во тилот на Подгорица, што е остварлива, но пропагандно доста незгодна цел – дел од редакцискиот коментар во „Данас“ за тоа што српската влада од сите земји во нејзиното опкружување, како точка кон која се стреми ја одбра токму Бугарија.