Софија – Пописот во Бугарија заврши, а до 9 октомври се попишани 82 отсто од населението во земјата, што е пет милиони и 657.000 луѓе. Директорот на Националниот статистички институт на Бугарија, Сергеј Цветарски, изјави дека ова е низок процент, но оти оваа ситуација настанала од повеќе причини. Според Цветарски, вистинскиот број на населението во Бугарија треба да биде помал од шест милиони и 916.000. Првите податоци на Институтот за статистика на Бугарија ќе бидат објавени околу 25 декември. (РСЕ)

Приштина – Специјалното обвинителство на Косово објави дека се уапсени пет лица осомничени за подготвување терористички напади и неовластено поседување експлозивни средства, оружје и други материјали.
Обвинителството информира дека при претресот кај уапсените се откриени експлозивни материјали, огнено оружје, еден дрон и противтенковско оружје. (МИА)


Бисер балкански

Блеф на блеф

– Досега не сме се сретнале ни на половина пат, ниту сме ги исполниле сите обврски, ниту тие имаат намера да ги исполнат ветувањата. Ние сме сега, целиот регион, во тој меѓупростор и во меѓувреме, сѐ уште се мачиме со оваа транзиција, која никако да заврши. Европската Унија и Западен Балкан меѓусебно се фолираат според принципот „само вие преправајте се и ние ќе се преправаме“ – изјави Сузана Грубјешиќ, претседателка на Центарот за надворешна политика во интервју за „Фо-нет“.
На прашањето колку партнерите од двете страни се искрени кога станува збор за проширувањето на ЕУ, таа ја пренесува изјавата на едно официјално лице, кое објасни дека ова е политика „блеф на блеф“, односно дека тие блефираат дека ќе нѐ примат, а земјите од регионот блефираат дека ќе влезат во ЕУ.