Белград – Лекот „ремдесивир“, кој се покажа ефикасен во борбата против коронавирусот, од неделава ќе биде достапен за граѓаните на Србија, пренесува „Блиц“. Тој ќе се дава исклучиво со конзилијарна одлука и во одредена фаза од болеста. Овој лек моментално е клучен во лекувањето на ковид-19. Директорката на Републичкиот фонд за здравствено осигурување, Сања Радојевиќ Шкодриќ, за РТС изјави дека станува збор за многу скап лек, кој се дава само во одредена фаза од болеста и дека во Србија тој ги поминал сите процедури.

Атина – Непознати напаѓачи викендов ги нападнале канцелариите на СИРИЗА во Солун и со црн спреј го испишале знакот на Златна зора врз стаклото на влезот во објектот, објави грчки Ефсин. Нападот доаѓа три дена по пресудата на Апелацискиот суд во Атина, со кој грчката десничарска партија Златна зора е осудена како криминална организација. Кратко по изрекувањето на пресудата, околу 25 припадници на Златна зора се собраа на марш во Солун.

Загреб – Во центарот на Загреб, пред зградата на хрватската влада, вчераутро бил застрелан полицаец, пренесуваат хрватските медиуми. Според хрватски „Дневник“, ранетиот полицаец е префрлен во болница и неговата состојба е стабилна. Напаѓачот, кој избегал од местото на настанот, извршил самоубиство и неговото тело е пронајдено, соопштила хрватската полиција.

 


Бисер балкански

Ана Брнабиќ ќе живее во вилата на Јованка Броз

Ана Брнабиќ, која неодамна го освои својот втор мандат како премиер, кон крајот на август изјави дека постои можност во вилата на Јованка Броз да биде новиот премиер, нагласувајќи: „Владата ќе одлучи за тоа, во согласност со потребите, јас не одлучувам за тоа“. Брнабиќ има стан на Дедиње, во близината на Белиот дворец, со површина од 328 квадратни метри, кој го купила во 2014 година, вреден 490.000 евра и „дел од купопродажната цена го отплатила од кредит“. Инаку, куќата со површина од 750 квадратни метри во улицата Кнез Александар Караѓорѓевиќ 75, припаѓа на „државните репрезентативни згради“, но со години се распаѓа. Реновирањето на зградата, чие официјално име е „Вила Бор“,почна лани на сметка на државата.