Специјалниот претставник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер изјави дека следната косовска влада мора да биде подготвена да ги суспендира царините, што ги наведе како пречка за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Палмер додаде дека САД се надеваат дека Србија на укинувањето на царините би одговорила со сопствени иницијативи, што би вклучувало и потенцијално суспендирање на кампањата за повлекување на признавањето на Косово и дека, врз тие основи, двете страни би можеле да се вратат на преговарачката маса во позитивна атмосфера за постигнување договор.
– Првата работа е да се чекаат изборите на 6 октомври во Косово, проследено со процесот на формирање на владата – рече Палмер по враќањето од посетата на регионот, за време на која се состана со претставници на Белград и Приштина.