САД се посветени на партнерство со земјите од Западен Балкан и на нивната европска перспектива, а тој пристап нема да се промени, изјави Метју Палмер, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник на администрацијата на Соединетите држави.
Во интервју за албанскиот сервис на Гласот на Америка, Палмер рече дека не сака да предвидува што ќе работи следната администрација, но истакна дека тој во последните 27 години работи на Западен Балкан во демократски и републикански американски администрации.
– Американскиот пристап кон регионот е конзистентен од администрација до администрација. Нашата визија за Западен Балкан претставува збир на земји кои се во мир меѓу себе, со нивните соседи. Држави кои се стабилни, просперитетни и интегрирани во европските и евро-атлантските институции – рече Палмер, пренесува Танјуг.
Во однос на дијалогот меѓу Србија и Косово, американскиот ангажман и можностите за постигнување политички договор меѓу двете страни, американскиот дипломат посочи дека Соединетите држави постојано се вклучени во тој процес.
– Обврската за партнерство со Србија и Косово и европската перспектива на двете земји нема да се промени. Ќе работиме со Србија и Косово во поддршка на нормализацијата на нивните односи и нивниот европски пат – рече Палмер.
Тој заклучи дека САД ќе останат ангажирани на Западен Балкан.
– Ние ќе останеме сигурен партнер на земјите од Западен Балкан и ќе бидеме посветени на стабилноста, просперитетот и мирот во целиот регион – нагласи Палмер.