На видеото со рускиот воен разузнавач е потполковникот во српската војска З.К., а безбедносните служби проверуваат дали тој за пари издавал доверливи податоци, објави „Новости“.
Безбедносните служби, исто така, проверуваат дали во случајот освен Русинот Георгиј Клебан, инаку поранешен заменик на военото аташе во руската амбасада во Белград, и З.К. се вмешани и други лица.
Според пишувањата на „Новости“, ова видео кое е направено лани во Земун, не е единственото во кое го има потполковникот.
Зад објавувањето на снимката застана бугарскиот новинар Христо Грозев, на Запад познат како „борец за вистината за штетното руско разузнавачко делување“, кој дал и објаснување за средбата на снимката.
– Посебен зачин во случајот, покрај биографијата на проамериканскиот бугарски новинар, дава и сознанието дека видеото во јавност го пуштила романската разузнавачка служба, која важи за една од европските испостави на американските разузнавачи – пишува „Новости“.
Според весникот, тоа дава сомнеж дека аферата потекнува од Западот, и дека нејзина цел е да ја разниша соработката, пред сè одбранбената, меѓу Русија и Србија, како и воената неутралност на Србија.
На социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како руски разузнавач, наводно, му дава пари на високопозициониран српски службеник. Автентичноста на снимката и идентитетот на рускиот агент го потврди Безбедносно-информативната агенција (БИА).