По одлуката на албанските опозициски пратеници да се откажат од пратеничките мандати, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, во изјава за албанската државна агенција АТА, оценува дека тоа е контрапродуктивно и е против реформските напори на Албанија за членство во ЕУ.
– Правото на граѓаните да се ангажираат во мирни демонстрации е суштински елемент и суштинска вредност на секоја зрела демократија и мора да се гарантира. Сепак, употребата на насилни дејства и предизвикувањето штета врз јавниот имот, како што можеше да се види минатата сабота во центарот на Тирана, не се прифатливи.
Парламентот е основа на секоја европска демократија – тоа е место каде што треба да се дискутира за реформи и развој, а не да се бојкотира – изјави Коцијанчич.
Таа додава дека очекуваат Владата и опозицијата да се ангажираат во конструктивна дискусија за надминување на актуелната политичка ситуација во земјата.
Освен 43-те пратеници од Демократската партија, едногласна одлука за откажување од пратеничките мандати прексиноќа донесоа и 19-те пратеници од пратеничката група на Социјалистичкото движење за интеграција.
Пратениците на албанската опозиција од десниот центар решија да поднесат оставки во парламентот во знак на протест против социјалистичкиот премиер Еди Рама, кого го обвинуваат за корупција. Демократската партија повика минатата недела на протест, кој во саботата беше одржан во многу напната атмосфера. Нов собир на кој ќе се бараат оставка од Еди Рама и предвремени избори е најавен за утре.