Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, го осуди нападот врз градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис. На својот твитер-профил Ципрас напиша дека напаѓачите се екстремни десничари што треба да бидат казнети.
– Оние што го нападнаа градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, не се ниту огорчени граѓани ниту маса народ. Тие се едноставно екстремни десничари што треба да се соочат со последиците од своите постапки – напиша Ципрас.
Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, завчера беше претепан од националисти за време на комеморацијата на Грците што загинаа во борбата против Турците во Првата светска војна и во Грчко-турската војна.
Бутарис е хоспитализиран со повреди на главата, грбот и нозете.
– Ме удираа секаде. Беше ужасно, но сега сум добро – изјави Бутарис за грчката агенција АНА.
Претседателката на Градскиот совет, Калипсо Гула, која заедно со Бутарис беше на комеморацијата, вели дека поголем број националисти се доближиле до нив и му рекле на Бутарис да го напушти местото, а потоа почнале да го удираат со шишиња. Од ударите 75-годишниот солунски градоначалник паднал на земјата, по што групата продолжила да го удира со нозе по главата и телото.