Грчкиот бизнисмен Никос Маврикос, кого четири непознати лица го киднапираа на 27 декември, денеска е ослободен и во добра здравствена состојба се вратил дома, објавија грчките медиуми.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, засега не е познато, ниту официјално, ниту неофицијално, на кој начин 51-годишниот Маврикос бил ослободен – дали киднаперите побарале откуп и дали преговарале директно со него, ниту, пак, кои се причините за неговото киднапирање.
Веднаш по ослободувањето бизнисменот отишол во полициска станица за да даде исказ, а грчката полиција работи на расчистување на случајот.
Маврикос беше киднапиран пред неговиот дом во Пиреја од четири непознати лица кои го грабнале, го ставиле во џип и побегнале.
Медиумите тогаш објавија дека киднаперите биле маскирани во полицајци, односно носеле униформи на кои пишувало ЕКАМ што всушност е Единицата за борба против тероризам на грчката полиција.