Претставниците на опозициските партии најавуваат формирање слободна зона во Белград

На последниот протест во Белград, на кој учествуваат и опозициските партии, беше соопштен и преговарачкиот тим за трите клучни точки што би требало да се најдат во дијалогот меѓу власта и претставниците на граѓанскиот собир. Потписниците на договорот со народот предложија тим на експерти и непартиски личности што се подготвени со своето знаење, искуство и личен авторитет да подготват план за трите најважни теми што се главни лостови, како што беше речено, на „диктатурата на Вучиќ“ и кризата со која се соочува Србија. Тоа се: заробените медиуми, тешката злоупотреба на Регулаторното тело за електронски медиуми и нерегуларните избори, кои се темелат на купување гласови, уцени и примена на сила над граѓаните на Србија.

– Овие три точки се клучни, но ние имаме и наши за преговорите со власта. Вучиќ изјави дека постои дијалог и дека сака да влезе во разговор со неистомислениците. Еве му шанса, и тоа без ултиматуми – рече Бранислав Лечиќ, глумец и функционер во Демократската партија, на митингот насловен „Еден од пет милиони – сите како еден“.

Покрај признаени експерти, во преговарачкиот тим со српскиот претседател Александар Вучиќ ќе влезат и претставници на новинарите од НУНС и од Асоцијацијата на независни и електронски медиуми, пренесе Н1.

Еден од лидерите на Сојузот за Србија, Јанко Веселиновиќ, најави дека доколку власта не се согласи на дијалог до 4 мај, во главниот град на Србија ќе биде формирана „слободна зона“, која ќе претставува слободен народен парламент составен од „слободни одборници од Србија“.


Дваесет години од бомбардирањето на РТС

Вчера се навршија 20 години од бомбардирањето на зградата на Радио-телевизија Србија од страна на НАТО, кога загинаа 16 вработени во медиумот.
Тоа беше првиот случај една медиумска куќа да биде прогласена за легитимна воена цел.
Меѓународната организација за човекови права „Хјуман рајтс воч“ во 2000 година соопшти дека немало оправдување за бомбардирањето на телевизијата.
Поранешниот директор на РТС, Драгољуб Милановиќ, во 2002 година беше осуден на 10 години затвор, затоа што не ја почитувал наредбата на тогашната сојузна влада за дислоцирање на луѓето и техниката, односно нивно евакуирање на безбедна локација.
Челниците на НАТО тврдеа дека нападот бил оправдан, а специјална комисија на Хашкиот трибунал, која го испитуваше и случајот со бомбардирањето на РТС, не му предложи на Обвинителството да поведе кривична постапка.