Албанија

Албанската опозиција ја разгледува можноста за целосен бојкот на Парламентот. Ова за тиранската телевизија Ора њуз го потврди Клајда Ѓоша, пратеничка од редовите на Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ), која е дел од обединетата опозиција предводена од Демократската партија.

Според неа, имајќи ги предвид најновата политичка ситуација и последните настани, целосниот бојкот е алтернатива што се разгледува.
– Имајќи предвид како се движи политичката актуелност во земјата со последните настани, ја разгледуваме можноста за целосен бојкот. Опозицијата има неколку опции доставени до мнозинството, како што е „ветингот“ во политиката, за што имаме доставено предлог-закон, кој чека одобрување или отфрлање од владејачкото мнозинство, прашање што наиде на голем број дебати во последно време.

Таа смета дека сѐ уште е рано да се зборува за тоа дека нема избори со премиер Рама.
– Верувам дека е малку рано да се зборува за избори. Не е потребно да се чекаат изборите ако сакате да ѝ ставиме крај на ваквата власт, на едно лошо владеење што се случува во оваа земја. Сите други начини, протести и граѓански реакции се добредојдени и ние ќе бидеме со граѓаните секогаш кога ќе го побараат тоа од нас – посочи Ѓоша.

Деновиве и потпретседателот на Демократската партија, Еди Палока, изјави дека опозиција не се враќа во парламентот и најави дека од условени односи ќе оди на целосен бојкот на парламентот и институциите. Според него, ова поради владините врски со криминалот и одбивањето да се прифати проверката на потеклото на имотот и поврзаноста на политичарите со криминалот.