По завчерашните големи антивладини протести, вчера состојбата во Албанија е мирна. По апсењата на дел од учесниците на протестот, лидерот на албанската опозициска демократска партија, Љуљзим Баша, ѝ порача на власта дека кривичните постапки нема да ја заплашат Демократската партија и спречат во остварување на својата цел.
– Ниту една кривична постапка не ги спречува Демократската партија и граѓаните да ја исполниме нашата мисија за Албанија како цела Европа. Употребата на милитанти и војници на криминалот во полицијата за да се бори против граѓаните и политичкиот опонент е најјасната карактеристика на овој криминален режим. Еди Рама дојде на власт со помош на банди и избра да биде со банди против народот – напиша Баша на својот профил на Фејсбук.
Албанскиот премиер Еди Рама ги отфрли сите барањата на опозицијата, а протестот на опозицијата го оцени како политички хаос.
Протестите на опозицијата во Албанија почнаа откако започна процесот на ветингот во судството, обвинителството и политиката, пишува Цивилмедиа. Според донесените законски измени, сите судии, обвинители и пратеници треба да дадат изјава дека не биле корумпирани или да се откажат од позицијата, ако не се сигурни и чисти. Тие што нема да потпишат ќе треба да се откажат од функцијата, а тие што ќе потпишат ќе бидат истражени и ако се потврди спротивното, ги чека и губење на позицијата и затворска казна.
Потоа, полицијата и органите на правдата удрија силно и по шверцот и по производството на дрогата во Албанија. Се запленија стотици тони марихуана и други видови наркотици и се уапсија многу лица од шверцерските мрежи. Првпат откако Еди Рама е на власт, полицијата влезе и во селото Лазарат, каде што со децении се произведуваше хашиш, а полицијата немаше пристап во ова село.
Со ударот врз шверцот на дрогата се интензивираа и тензиите, како и протестите организирани од опозициската Демократска партија и Социјалистичкото движење за интеграција. Власта цело време обвинуваше дека од времето на поранешното владеење, блиски роднини и соработници на врхушките на двете партии беа поврзани со криминалот, корупцијата и шверцот на дрогата.
Од друга страна, албанската опозиција од минатата година беше јавно обвинета и за големата поддршка што ја ужива од руските олигарси и фантомски компании со руски капитал, објави Цивилмедиа.