Опозициските партии во косовскиот парламент ја одбија понудата на партијата на тамошните Срби, Српска листа, заеднички да ја урнат владата на премиерот Рамуш Харадинај.

Според косовскиот весник „Зери“, опозицијата не прифаќа во ниту една форма да ја урива Владата преку Белград.

– Без оглед на тоа што Владата беше формирана со помош на Српската листа, односно со благослов од Белград, ние нема да ја уриваме оваа Влада преку таа партија, туку преку косовската опозиција. Ниту сметаме на гласовите на Српска листа, ниту истите тие им ги бараме за уривање на Владата. Владата треба да падне, избори треба да има што поскоро, но не затоа што тоа го сака Србија, туку затоа што сакаат граѓаните на Косово – изјави Реџеп Селими, пратеник од редовите на движењето Самоопределување.

Со сличен став е и шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово, Авдулах Хоти, кој за „Зери“ изјави дека неговата партија нема да прифати никакви условувања.

– Демократскиот сојуз на Косово ќе процесира барање за гласање за доверба на Владата во моментот кога ќе обезбеди 61 глас во парламентот на Косово. Меѓутоа, не прифаќаме никаков вид условување од никого – изјави Хоти.

Потпретседателот и пратеник на Српска листа, Игор Симиќ, викендов за белградските медиуми изјави дека неговата партија на косовската опозиција ѝ ги става на располагање гласовите на своите десет пратеници за смена на актуелната влада на премиерот Рамуш Харадинај.

Српскатa листа е дел од Владата на Рамуш Харадинај, но од минатиот ноември дејствува како опозиција во парламентот, откако претходно Владата донесе одлука за воведување такса од 100 отсто на увозот на производи од Србија и од Босна и Херцеговина.


Косово годинава очекува уште 19 признавања на независноста

Официјална Приштина работи на обезбедување на нови признавања на независноста, а годинава очекува независноста на Косово да ја признаат уште 19 земји.
– Се соочуваме со проблеми и опструкции настанати како последица на агресивното лобирање на Србија против Косово. Косовската дипломатија и министерот за надворешни работи, Беџет Пацоли, лобираат низ светот повеќе од кога било – изјави косовскиот заменик-министер за надворешни работи Рејхан Вуниќи, пренесува приштинскиот весник „Зери“.