Одбивањето на понудените иницијативи, меѓусебните препирки и отсуството на соработка поради себични и кратковиди интереси во црногорската опозиција доведоа до хронична недоверба кај граѓаните и исклучување на какво било очекување за формирање поширок опозициски блок. Аналитичарот Златко Вујовиќ за весникот „Вјести“ вели дека во овој момент нема на повидок некој сериозен договор за заеднички настап на опозицијата во Црна Гора.
Последната иницијатива, која беше одбиена од повеќето опозициски партии, се однесуваше на формирање сојуз на процрногорски партии, кој беше предлог на потпретседателот на граѓанското движење УРА, Недељко Рудовиќ. Овој предлог беше прифатен само од Социјалдемократската партија и од Црногорската партија, а беше одбиен од демократите и од Демократскиот фронт.
Иван Вујовиќ од СДП вели дека нудењето соработка преку медиумите не е добар пат за воспоставување идна соработка.
– Тоа повеќе е дел од комуникациската стратегија, преку која се обидува да се испрати порака до избирачите и да се собере глас повеќе отколку вистински обид да се дојде до некој договор. Дел од опозицијата сака да ја префрли одговорноста за евентуалниот неуспех на друга партија од опозицијата. Или, пак, се сака да се искористи јавноста за да се изврши притисок на овие партии да прифатат одредено решение – вели Вујовиќ.
Партиите од опозицијата не успеаја да постигнат договор при избор на единствен кандидат за последните претседателски избори во Црна Гора.