Албанската обединета опозиција предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша, продолжува со бојкотот на работата на парламентот на Албанија. Наместо да учествуваат на утрешната седница на законодавниот дом, опозициските пратеници ќе „заседаваат“ во пристанишниот град Драч.
Наместо во собраниската сала во Тирана, опозициските пратеници на 3 септември беа во Скадар, додека на 6 септември „заседаваа“ во Елбасан.
Пред одржувањето на овие две седници лидерот на демократите Баша упати тешки обвинувања за „поврзаност на Владата со криминалот“, најавувајќи акција за „ослободување на власта од криминалот“.
– Ослободувањето на власта од криминалот останува апсолутен приоритет на опозицијата во новата парламентарна сесија – порача Баша.
Опозициските пратеници ја бојкотираат работата и на парламентарните комисии.
Деновиве опозицијата до парламентот достави предлог-закон за проверка на потеклото на имотот на политичарите. Албанското собрание претходно усвои Закон за испитување на потеклото на имотот и можна поврзаност со криминални групи, кој важи за судиите, обвинителите и за полицијата.
Поради „неминување“ преку процесот на проверка, Албанија повеќе месеци е без Уставен и без Врховен суд, а се соочува и со недостиг од обвинители и судии.
Формулар за потеклото на имотот не понесоа најмалку 500 полициски работници, кои потоа самоволно ја напуштија службата.