Со новите мерки на бугарската влада се предвидува забрана за увоз на половни автомобили со стандард еуро 4
Одлуката за ограничување на увозот на користени автомобили во Бугарија, со еколошки стандард еуро 4, е ставена на јавна расправа. Предложениот текст на Националната програма за контрола на загадувањето на воздухот е објавена на веб-страницата на Министерството за екологија на Бугарија, а доколку биде прифатена, новите мерки за увоз на половни автомобили ќе треба да стапат во сила од први јануари 2021 година.
За воведување ограничувања на увозот на стари автомобили во Бугарија се зборува со години, но ова е првата програма со конкретни предлози на бугарската влада. Со нив се предвидува да се ограничи увозот на возила под класата еуро 4, но главната цел е „исфрлање“ на старите дизел-возила од бугарскиот пазар, пишува „Капитал“.
Екостандардот еуро 4 стапи во сила во 2005 година, што значи дека евентуална забрана ќе се однесува на увозот на сите возила постари од 15 години. Како ефект од мерките во Министерството за животна средина, се очекува да се зголеми учеството на автомобилите со стандард еуро 5 и 6. Се очекува и забрзување на замената од дизел кон бензински автомобили.
Во проектот на Министерството за екологија се вели дека воведувањето ограничувања за увоз на постари автомобили не зависи само од волјата на државата туку и од дозволата од страна на Европската комисија, бидејќи тоа може да ги наруши правилата за слободно движење на стоки, луѓе и капитал. Затоа се предвидени и пошироки мерки. Меѓу другото, се разгледува и воведување нов систем за проверка на возилата. Тоа ќе овозможи и одземање на регистрацијата на возилата што не ги исполнуваат потребните екостандарди, на пример од оние автомобили во кои е отстранет катализаторот или филтерот за дизел-честички. Другата идеја се однесува на субвенционирање на замената на постарите дизел-возила.
Во проектот првпат официјално се говори и за ограничување на пристапот на постарите автомобили до центрите на градовите. Тоа ќе биде можно со воведување на нискоемисиски зони во градовите, прво во Софија и во Пловдив. Министерството за животна средина очекува ова индиректно да помогне за зголемување на темпото на модернизација на возниот парк на бугарските граѓани. Забраната за движење во градовите ќе важи за автомобили со еуро 1.
И покрај мерките што се преземаат во повеќе европски земји за ограничување на старите автомобили, Бугарија досега заостанува зад овој тренд. Лани бројот на превозните средства на дизел-горива изнесувал над 1,66 милион, наспроти 1,59 милион „бензинци“. Од новорегистрираните во 2018-та, над 65 отсто се постари од десет години, од кои повеќето се дизел. Иако се забележува забавување на продажбата на користени автомобили, таа е многу повисока од онаа на новите автомобили.
Бугарија има најстар возен парк во Европската Унија. Просечната возраст на бугарските автомобили е околу 19 години во споредба со 11 години во ЕУ. Од 3,66 милиони возила, над 65 отсто се постари од 15 години (38 отсто се над 20 години). Бугарија и Естонија се единствените земји во ЕУ во кои пораснала продажбата на половни дизел-автомобили.
Во споредба со некои од земјите во регионот, Романија одамна го ограничи увозот на користени автомобили под евро 4. Од почетокот на годинава, Албанија го забрани увозот на автомобили постари од 10 години. Од 2014 година, Азербејџан воведе граница за увоз на употребувани автомобили до еуро 4 стандард, а од 1 јуни годинава во Босна и Херцеговина ограничувањето е до еуро 5.