Вкупниот број на таканаречени борци на Исламска држава (ИД) со потекло од Западен Балкан е поголем од 1.200, според процените на безбедносните служби од Босна и Херцеговина (БиХ).
Според документацијата, мнозинството борци на ИД се од Косово – 403, по што следуваат БиХ со 350, Албанија со 180 до 200 и Македонија со 156 борци, објавија синоќа повеќето медиуми.
– Што значи враќањето на овие терористи на Балканот, што ќе значи и колку е тоа вистински проблем, ќе се знае многу брзо откако повратниците ќе ја издржат својата симболична казна за учество во борбите од страната на т.н. Исламска држава и Ал каеда во Сирија и Ирак – се наведува во документацијата.
Наводно, проблем за домашното судство е што не постојат конкретни докази дека тие извршиле кривични дела и учествувале во пукање, убиство или декапитација на затвореници, а безбедносните служби предупредуваат дека тие за краток временски период ќе бидат формално и правно слободни граѓани, кои секако нема да се откажат од своите радикални верски и терористички идеологии.
Покрај тоа, во документацијата се вели дека Западен Балкан има и проблем поврзан со економската инфилтрација на Турција и Катар во Албанија, Македонија, Косово и БиХ, што значи инфилтрација која се однесува на идеолошката инфилтрација поврзана со Муслиманското братство, пренесува порталот.