Подготвителното рочиште за судењето на обвинетите за помагање во убиството на Оливер Ивановиќ е одложено за во февруари поради измени во обвинителниот акт во кои осомничените и нивните бранители немале увид, пренесува РТС.
Судијата Ваљон Куртај посочи на почетокот на денешната расправа дека обвинителот во петокот приложил ново обвинение со извесни промени.
– Во петокот ни беше доставен изменет обвинителен акт, но напишан е само на албански јазик и немаше можност да биде преведен на српски. Поради преведувањето, го одлагаме рочиштето за 11 февруари во 10 часот – рече Куртај.
И пред денешното рочиште, од Граѓанската иницијатива СДП имаа замерки и забелешки на самиот обвинителен акт и на евентуалното судење.
Потпретседателката на иницијативата, Ксенија Божовиќ, рече дека само е потврдено она што го зборувале од првиот ден на истрагата, дека е непрофесионална исто како и обвиниението и дека целата постапка е фарса.
– Нервозата кај судијата, непрофесионалното преведување и никаквиот одговор од Обвинителството покажуваат колку непрофесионална е оваа институција. Ги повикувам меѓународните претставници кои работеа на формирањето на овие институции да дојдат и да се позанимаваат малку со нивната работа и на лице место да ги следат ваквите судења – изјави Божовиќ.
Обвинение е покренато против полицајците Недељко Спасојевиќа, Марко Рошиќ, Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ, како и против началникот на полицискиот Оддел за крвни деликти во Косово, Раде Басар и против Силвана Арсовиќ, секретарка во партијата на Оливер Ивановиќ.
Обвинението е покренато за повеќе кривични дела како учество и организирање криминална група, злоупотреба на службената позиција, помош во извршување кривично дело тешко убиство, откривање службена тајна и манипулација со докази.