Граѓаните од регионот ги мачат истите работи. Невработеноста, корупцијата, лошото судство и здравство, како и стравот од иселување на квалификуваниот кадар се главните фактори за миграција на младите од земјите на Западен Балкан
Речиси 71 отсто од младите од земјите на регионот сакаат да ја напуштат својата татковина. Како главни причини поради кои граѓаните сакаат да заминат од земјите од Западен Балкан се невработеноста, коруптивните политички партии, лошото судство и здравство, но и стравот од иселување на квалификуваниот кадар. Коронавирусот дополнително ги направи земјите од регионот понесигурни од предходно, покажува истражувањето на „Балкан барометар“. Токму ова истражување неодамна беше и тема на онлајн конференцијата со наслов „Младите, миграцијата и демократските предизвици во Западен Балкан“, која се одржа во Берлин во организацијата на институтот „Аспен“.
– Но целта на ЕУ не е да ја запре миграцијата – рече шефот на германската дипломатија Хајко Мас на отворањето на конференцијата во Берлин. За Германија, како актуелен претседавач со ЕУ, тоа е уште една причина да ја насочи својата политика во тој дел од Европа кон перспективата на младите генерации додаде тој.
– Луѓето во овој регион се караат за минатото, наместо да гледаат кон иднината. А оние што веруваат во иднината, си заминуваат. Ова е тоа што треба да го промениме – истакна германскиот дипломат.
Истражувањата во регионот велат дека младите луѓе не ги напуштаат своите татковини поради лошата економска состојбата, туку и поради недостатоците во образовниот, здравствениот и социјалниот систем, недостатокот од вработување засновано врз заслуги и поради корупцијата. За таа цел, Мас предлага стратегија во три чекори: инвестиции во иднината, развој на добрососедските односи и оставање настрана на проблемите од минатото, и забрзување на интеграцијата во ЕУ на земјите од регионот. Во таа насока, според Мас, клучно е спроведување на реформите, но и помошта што во економскиот дел планира да ја обезбеди ЕУ. Германскиот министер беше особено критичен кон нерешениот спор меѓу Србија и Косово, и состојбите во БиХ.
– Во земја што сака да стапи во ЕУ едноставно нема место за националистичко агитирање, за негирање на воените злосторства или за глорифицирање на воените злосторници – порача Мас.
Дубравка Шуица, која е потпретседателка на Европската комисија за демократија и демографија, порача дека регионот се соочува со двоен проблем. Таа вели дека младите си заминуваат кога немаат можности, а државите ја губат иднината.
– Западен Балкан припаѓа во ЕУ, а кога ќе се создаде атрактивна животна средина, тогаш младите ќе решат да останат – истакна Шуица. На ова европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи дополни дека промената на ваквата состојба не може да настане прекуноќ. Вархеи порача дека „станува збор за десетгодишен процес, а главните столбови се поддршката за отворање работни места и мали и средни фирми, како и придонесот за зајакнување на вештините и поддршката за учеството на младите лица во процесите на одлучување“. Тој побара од компаниите во ЕУ да инвестираат во балканскиот регион за да се отворат нови работни места.
Албанскиот министер за надворешни работи, Гент Чакај, смета дека „миграцијата е од огромна важност за регионот, затоа што 43 отсто од Балканците размислуваат за иселување“. Според него, мора да се работи на владеењето на правото, корупцијата и организираниот криминал и мора да се создадат нови можности за помладите генерации.
Инаку Балканскиот барометар е годишно истражување на јавното мислење спроведено од РЦЦ со прибирање и анализирање податоци од граѓани и компании од Западен Балкан, за тематски области како што се вработување, трговија, инвестиции, корупција и друго.