Ален Јусуповиќ, сопственик на фарма на магариња во Завидовиќи, одгледува 65 грла, а од млекото изработува разни креми, сапун и маски за лице
Во Програмата за парична помош за поттикнување на земјоделството и руралниот развој во Федерацијата на Босна и Херцеговина е предвидена и ставка за одгледување домашни магариња. Ова право се стекнува за одгледување на најмногу 50 грла од изворно заштитени видови животни, како што се босанскиот коњ, домашната буша, за домашно магаре и за чување на автохтоното куче – торњак. Во соодветното министерство во Република Српска велат дека одгледувањето на овие животни не влегува во системот за премии предвиден со Правилникот за поттикнување на земјоделското и сточарско производство.
Во Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство на ФБиХ велат дека во земјата има 109 земјоделски стопанства, кои во својот регистар на сопственост пријавиле и магариња. Ален Јусуповиќ, сопственик на фарма на магариња во Завидовиќи, одгледува 65 грла, од нив 2 се мажјаци, 40 се женки и дваесетина се ждребиња, пишува „Независни“.
Неговото семејство почнало да одгледува магариња од 2012 година, кога како студент го освоил првото место на студентскиот натпревар „Имам идеја“.
– Идејата ми се јави по пребарување на интернет и анализата за пазарот во БиХ. Тоа беше стартап-фирма, која седум години успева да се одржи, благодарение на нашиот ентузијазам – вели Јусуповиќ.
Освен производство на магарешко млеко, кое се продава за 10 конвертибилни марки за 100 милилитри (едно евро чини околу 2 КМ), на оваа фарма се изработуваат и сапуни, креми, балсами за уста, шампони и маски за лице.
– Пред некој месец во промет ја пуштивме бебешката крема од магарешко млеко. Цените се приспособени за домашниот пазар и се движат од пет КМ за балсам за уста, до бебешките креми, кои чинат 20 км – изјави Јусуповиќ за „Независни“.
Неговите производи завршуваат и кај корисниците во САД, Австралија, Малезија и во речиси сите земји во Европа. Од Министерството за земјоделство не добиле голема помош, но како што вели тој, се обидуваат да успеат на пазарот и без државни средства. Како најголем проблем за одгледување магариња го наведува бавниот бирократски апарат и недостигот од искуство за ветеринарско следење на животните.
Магарешкото млеко е барано кај потрошувачите поради неговите својства. Има висок процент на имуноглобулин и ензим лизозим, кои претставуваат антибиотик за телото.
Исто така, содржи и витамини А, Д, Е и Ф, висок процент на магнезиум, калциум, фосфор и цинк. Млекото се користи за превенција од белодробни болести и за зајакнување на имунитетот.