КОСОВО
Централната изборна комисија во Косово соопшти дека од 5.200 кандидати за градоначалници и општински одборници, 160 не ги исполниле условите за учество на локалните избори во октомври, затоа што имале проблеми со законот. Сите поголеми политички партии, владејачката Самоопределување, опозициските Демократска партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово, како и Алијанса за иднината на Косово на своите листи имале кандидати што биле осудувани.
Ехат Мифтарај од Косовскиот институт за правда во изјава за Радио Слободна Европа вели дека политичките партии воопшто не го земаат предвид прашањето за интегритетот на кандидатите, но ни законските обврски предвидени за кандидирање на парламентарни или локалните избори.
– Застрашувачки е податокот дека партиите предложиле 160 кандидати, кои имаат конечни пресуди во последните три години. Од партиите постојано говорат за владеење на законите, борбата против корупцијата и организираниот криминал, а предлагаат лица што сториле кривични дела – вели Мифтарај.
Партиите при изборот на кандидатите првенствено се раководат од тоа кој може да им обезбеди гласови, но притоа ги загрозуваат принципите на демократското општество, доброто владеење и почитување на правото.