Албанската полиција уапси четири лица и направи распит на 40 лица за вчерашниот грабеж на аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана, пренесуваат албанските медиуми. Се смета дека вооружените разбојници украле околку 2,5 милиони евра од авион на „Аустријан ерлајнс“.
Вооружените лица влегле на пистата на аеродромот во Тирана, а нивна цел бил авионот кој од Тирана требало да пренесе пари во Виена, пренесе албанската полиција. Странските банки кои работат во Албанија ги транспортираат парите во готовина, бидејќи централната банка на земјата не прифаќа вакви типови на депозити.
Полицијата во Албанија објави дека тројца од вооружените крадци, кои биле облечени во воени униформи, им се заканиле на вработените кои го пренесуваат багажот, па потоа ги украле парите.
Еден од разбојниците бил убиен во престрелка со полицијата, а според првичните информации, украдени се 2,5 милиони евра, но локалните медиуми шпекулираат дека износот може да биде пет пати поголем.
Портпаролката на „Аустријан ерлајнс“ Тања Грубер изјави дека парите биле товарени во авионот во моментот кога крадците дејствувале.
– Бордингот на авионот беше завршен. Немаше никаква опасност за членовите на посадата и патниците – рече таа.
Полетувањето на авионот беше одложено за околку три часа, а како безбедносна мерка, ќе се прекине и транспортот на пари од Тирана за Виена.
Според пишувањата на светските медиуми, ова е трет организиран обид за кражба во минатите три години на овој аеродром во Тирана.