Грција

Грчкиот државен обвинител Василиос Плиотас нареди истрага за да се утврди дали има организиран план за предизвикување пожари што сега ја опустошуваат и ја уништуваат целата земја, јавуваат медиумите.
– Преголемиот број пожари со необичен интензитет и размери, кои се случија во последните денови, направија непроценлива штета по животната средина, особено на шумските богатства на Грција, зградите и други објекти, земјоделското земјиште, посевите и на туристичката инфраструктура, загрозувајќи ги дури животите на нашите најблиски. Синхронизираноста во избивањето на огнената стихија предизвикува разумен сомнеж дека станува збор за намерна активност на организираниот криминал за подметнување пожари, а не само за едноставна, случајна појава, за инциденти што се предизвикани со неодговорно однесување – напиша обвинителот Плиотас, пренесува „Катимерини“.
Во Грција избувнаа повеќе од 500 пожари, а неколку илјади луѓе беа евакуирани од десетици населени места. Пожарите траат веќе девет дена и изгорени се повеќе од 93.000 хектари шума.
Ситуацијата на северот од грчкиот остров Евија сѐ уште е тешка и во моментов се води борба за да се спречи пожарот да стигне до градовите Едипсос и Истмус. Огнената стихија во Камтриадес сега е под контрола, но пожарот, помогнат од ветрот, стигнува до селото Галатсадес, пренесува агенцијата АНА.