Нов земјотрес ја погоди Хрватска, а според тамошните медиуми, тој траел повеќе од 10 секунди.
– Прилично силен земјотрес во 18:01 часот ја потресе областа на централна Хрватска – пренесува Јутарњи.
ЕМСЦ најпрво извести дека земјотресот бил со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала, но последователно објави дека јачината сепак е 5,0 степени.
Според првите податоци, епицентарот бил на околу 45 километри југоисточно од Загреб, во областа на Петриња.
Читателите на „Индекс“ известуваат дека потресот се почувствувал и дека долго траел и во Загреб, Вараждин, Славонски Брод… Тој се почувствувал и во дел од околните земји, известуваат од БиХ.
Сеизмологот Крешимир Кук потврди дека во 18:01 часот сеизмолозите од Сеизмолошката служба на Република Хрватска забележале потрес со јачина од 5,0 степени.
– Тоа е област активна во последните денови – додаде Кук.
– Ние предупредивме за ова и реално е, по тој силен земјотрес, да очекуваме неколку земјотреси со јачина од 5 или 4 степени. Ова ќе се случува во наредните месеци и оваа серија ќе трае некое време – изјави Кук за Н1.