Лидерите на најголемите партии од владејачката коалиција, премиерот Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово (ААК), претседателот на Собранието, Кадри Весели од Демократска партија на Косово (ПДК) и вицепремиерите Фатмир Лимај од Социјалдемократска иницијатива (Нисма) и Беџет Пацоли од Алијансата Ново Косово (АКР), вечерва повторно се собраа на средба кај претседателот на државата Хашим Тачи.
Веста, ја објави агенцијата Косовапрес, напоменувајќи дека ова е втор денешeн состанок на косовските лидери, по оној што претпладнево го имаа со американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет.
Извесно е дека цел на средбата е да се најде решение за разликите меѓу коалициските партнери за американското и барањето на Европската унија за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и од Босна и Херцеговина.
Тачи и ПДК на Весели, како и АКР на Пацоли, се залагаат за укинување на таксата, додека упорно на ова барање се спротивставува премиерот Харадинај и неговата ААК, а според медиумите, во тој став го поддржува и партијата на Лимај, Нисма.