Сојуз за Србија, новиот опозициски блок, кој би бил предводен од поранешниот градоначалник на Белград Драган Ѓилас, би требало да почне со работа на деветти мај годинава. Во предлог-платформата за дејствување на сојузот се наведува дека партиите ги задржуваат своите органи и структури, правото на сопствен развој, но во клучните сегменти на политиката настапуваат синхронизирано и во договор на сите членови на сојузот, пишува „Данас“. Овој текст бил испратен до коалициските партнери од опозицијата што настапија на белградските избори: Движењето на слободни граѓани, Народната партија, Левица на Србија и синдикатот Слога.
За почеток за работа на Сојузот на Србија е определен 9 мај, Денот на победата над фашизмот, а на тој ден почнува со работа и новиот градски совет на Белград, кога ќе биде формиран советнички клуб со истиот назив. Во предлогот за формирање на Сојузот на Србија пишува дека тој претставува здружување на сите оние вистински опозициски организации, кои со своето учество во Сојузот ги зголемуваат шансите за победа и промена не само на власта, туку и на системот во Србија. Во новиот текст е изоставен делот од претходниот текст во кој се бараше членките на сојузот да ги замрзнат своето дејствување и поединечни интереси.
Наместо тоа сега е содржан делот дека секоја партија ја задржува својата партиска структура, а само ќе дејствуваат синхронизирано за важни прашања од политиката. Така, Ѓилас предлага и формирање органи на сојузот: собрание, претседателство на сојузот, во кое на местото на претседавачот на месечно ниво ќе ротираат членовите на претседателството, потоа ќе има и менаџер на сојузот што ја организира работата, кој не може да биде член на друга политичка организација освен во сојузот. За ова место се предлага самиот Ѓилас, а исто така ќе има и генерален секретар што ќе ги води оперативните работи. Сојузот за Србија е отворен за сите политички партии, движења, организации, групи граѓани, синдикати и поединци.
По белградските избори првиот предлог за соработка во новиот сојуз беше упатен кон Саша Јанковиќ и Вук Јеремиќ, а тој би требало да дејствува на цела Србија. Јанковиќ и Јеремиќ не се изјаснија за оваа идеја, а од делови на нивните партии може да се дознае дека двајцата повеќе се заинтересирани за јакнење на сопствените политички организации. Претседателот на Движењето на слободни граѓани на Србија, Саша Јанковиќ, за „Блиц“ изјави дека се залага за соработка со опозициските партии и идниот сојуз би требало да дејствува како заедничко тело, а не како нова организација.
– Во овој момент ДСГС и Народната партија се стабилни партии и знаат што сакаат. Другите треба да се договорат меѓу нив за да можат да се договорат со нас – изјави Јанковиќ. За клучното прашање околу статусот на Косово и Метохија Јанковиќ рече дека никогаш не би ја признал независноста на Косово, но дека нема да го спречува во демократскиот развој, затоа што таму живеат луѓе што не би требало да бидат жртви и заложници на политиката. Тој се залага за одржливо решение за проблемот со Косово преку демократски пат, без одложување и без војна.