Дали Српска листа ќе учествува на изборите зависи од одлуката на српската влада во Белград

Со распишување на избори за претседатели во четири општини на северот на Косово со српско мнозинство косовските власти се обидуваат да ги дестабилизираат политичките претставници на Србите. Доколку Српска листа ги бојкотира изборите во северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечани, кои се закажани на 19 мај, најверојатно за претседатели ќе бидат избрани претставници од албанската националност. Ова ќе предизвика нови меѓуетнички тензии, што ќе испровоцира интервенција на косовската полиција Роса, а за тоа ќе ги обвини локалните Срби и Белград. Полициската интервенција на северот на Косово од Приштина би била искористена и за заземање на „Трепча“ и на сите гранични премини, пишува „Политика“.

Претседателите на четирите општини на северот на Косово од редовите на Српска листа, лани во ноември поднесоа оставки по воведувањето на царинските такси за 100 отсто за српските производи од страна на косовската влада. Евентуалниот бојкот на мајските избори Хашим Тачи и Рамуш Харадинај ќе го искористат за да го обвинат Белград дека го крши Бриселскиот договор.

Одлуката на косовскиот претседател Хашим Тачи за спроведување на локалните избори во српските општини ја изненади и косовската и Централната изборна комисија, а нејзината претседателка Валдета Дака изјави дека тоа е направено без консултации на ЦИК.

Дали Српска листа ќе учествува на изборите зависи од средбата на претставниците на косовските Срби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Претседателот на Српска листа, Огор Симиќ, за „Политика“ вели дека тие ќе продолжат да се борат за интересите на српскиот народ во соработка со српскиот претседател.
– На Албанците им пречи единството на КиМ и Приштина преку своите Срби се обидува да нѐ разедини. Но тоа нема да им успее. Распишаните избори во четирите општини се провокација од Приштина – изјави Симиќ.

Од другите политички партии на Србите, исто така, немаат став дали ќе имаат кандидати за претседатели на општините. Претседателката на Граѓанска иницијатива СДП, Ксенија Божовиќ, вели дека е изненадена со одлуката на косовскиот претседател да ги распише изборите.

– Ја следиме состојбата, ќе анализираме како размислуваат луѓето, ќе разговараме со граѓаните, затоа што за нив ова е нова состојба – вели Бошовиќ.

Политичкиот аналитичар Душан Јањиќ смета дека одлуката на Приштина е осмислен политички потег и е тешко да се предвиди каков ќе биде развојот на настаните.
– Доколку Белград повика на бојкот, тоа ќе ја сврти меѓународната заедница, пред сѐ САД, спротивно на Белград и на локалните Срби. Тие ќе бидат обвинети дека го прекршуваат Бриселскиот договор, кој предвидува политичка активност на Србите во косовските институции. Втората опција е одолговлекување на целиот процес и одложување на изборите, што може да внесе дополнителна нестабилност и нервоза меѓу Србите на северот на Косово – вели Јањиќ.


Вучиќ на трилатерална средба во Брисел

Српскиот претседател, Александар Вучиќ го прифатил повикот на Германија и Франција на 29 април да има состанок со претставници на Приштина во Берлин, на кој би требало да присуствуваат и албанскиот премиер и претседателот.
Вучиќ изјави дека освен тој и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во Берлин се повикани и претседателот и премиерот на Косово, Хашим Тачи и Рамуш Харадинај.
Приштинската телевизија Клан Косово претходно јави дека претседателите на Албанија и на Србија, како и претставници на приштинската администрација би требало да се сретнат на 29 април во Берлин на покана од Германија и Франција, а дека една од темите ќе биде дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Според косовската телевизија, на состанокот би требало да присуствуваат и премиерот и претседателот на Албанија, Еди Рама и Илир Мета.
Вучиќ, исто така, рече дека има намера да побара и состанок со рускиот претседател, Владимир Путин.