Од почетокот на јули во Бугарија секојдневно се одржуваат протести, главно, против корупцијата во власта, додека во Црна Гора ескалираат партиските и верските поделби
Политичките тензии во Бугарија, Црна Гора и во Босна и Херцеговина повторно се во првите вести на новинските агенции, а Балканот повторно го доби статусот на „нестабилен регион“. Неделава како најактуелни случувања се вестите од Бугарија, каде што се продлабочува политичката криза, која се заканува да премине во поголеми судири меѓу приврзаниците на владејачката партија ГЕРБ на актуелниот премиер Бојко Борисов и опозицијата, која е предводена од бугарскиот претседател Румен Радев. По завчерашните антивладини протести, во Софија се приведени најмалку 120 демонстранти, а околу 100 полицајци се повредени, од кои 15 се хоспитализирани, соопштија од бугарската полиција.
Напнатата тензија продолжи и во текот на вчерашниот ден, кога двете ривалски страни се обвинуваа за тоа дека се виновни што Бугарија се соочува со „вонредна“ состојба поради двомесечните протести на незадоволните граѓани.
– Она што се случи беше долг маратон на немири. Во Софија од раните часови дојдоа секакви луѓе да ја изразат својата волја и да протестираат. За жал, многу луѓе дојдоа да шират тензии. Бевме ставени на тест да трпиме додека околу нас паѓаа повредени полицајци. Многу бомби, многу пиротехника – изјави заменик-директорот на софиската дирекција за внатрешни работи, Антон Златанов, за БГНЕС.
Од почетокот на јули во Бугарија секојдневно се одржуваат протести, главно, против корупцијата во власта, а во исто време се бара и оставка од Борисов, но и од главниот државен обвинител Иван Гечев, кој, според демонстрантите, е „поврзан со олигарсите“. Актуелниот премиер Бојко Борисов, кој е на власт од 2009 година, одбива да даде оставка. Неговата партија ГЕРБ во средата даде зелено светло за почеток на парламентарната расправа за изработка на нов устав. Опозицијата обвинува дека со овој предлог Борисов сака да му ги ограничи овластувањата на претседателот на државата.
Претседателот Румен Радев, кој ги поддржува протестите, вчера испрати порака од оваа криза да се излезе достоинствено и да се направи сѐ за да се организираат нови избори.
– Немаме друг излез од блокадата на државата освен мирен, нормален политички чин на оставка во случај на губење на довербата – рече шефот на бугарската држава.
Пред почетокот на неговата изјава дадена во парламентот, пратениците на ГЕРБ, Обединетите патриоти и Волја ја напуштија собраниската сала.
– Изразуваме целосна поддршка за завчерашните постапки на полицијата – рече Тома Биков од владејачката бугарска партија ГЕРБ во изјава во име на пратеничката група.
Според него, при ескалација на тензиите за време на протестот во главниот град полицијата успеала да го одржи редот, ризикувајќи ги своето здравје и животи, јави БГНЕС.
– Цело време претседателот Радев повикува на радикализирање на протестот. Сите го видовме лицето на оваа радикализација во овие платени фудбалски агитатори, кои се состојат од претставници на криминалниот контингент и кои ја нападнаа не само зградата на парламентот туку и полицијата, која се обидуваше да го чува редот – рече Биков.
Во Црна Гора, по изедначениот резултат на парламентарните избори, продолжи напнатоста меѓу политичките лидери од власта и опозицијата. По длабоката етничка поделеност, постои ризик таа да прерасне и во меѓуверска пресметка меѓу приврзаниците на Црногорската и Српската православна црква. Дополнителна вознемиреност предизвикаа и последните напади на џамијата во Плевља и на просториите на Исламската заедница, а имаше и два напада на Бошњаци. Од опозициската коалиција „За иднината на Црна Гора“ организираа и ноќни стражи пред џамиите за да се спречат нови напади.
По изедначување на бројот на пратеничките места во парламентот, меѓу сегашната владејачка коалиција, изборите беа причина и за заладување на односите меѓу Црна Гора и Србија. Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, искажа подготвеност да разговара со претседателот на опозициската партија УРА и лидер на коалицијата „Црно на бело“, Дритан Абазовиќ, кој се смета за клучен глас за стекнување на парламентарното мнозинство од 41 пратеник.
– Ние сме прва земја во Европа што до вчера немаше демократска смена на власта. Тоа се случи на овие избори. Што ќе биде понатаму околу формирањето на новата влада и на новото мнозинство останува да се види – изјави Абазовиќ за „Дојче веле“.
Тезите за постоење на проруска и просрпска опозиција тој ги смета за погрешни и се заложи за формирање програѓанска влада.
– Големо мнозинство граѓани посакуваат промени. Нема да се приклониме на Ѓукановиќ, ни на просрпската опција. Ние баравме да се формира експертска влада и колегите од опозицијата го прифатија тоа. Нема да има промени на надворешнополитичкиот курс на Црна Гора. Заедно ќе работиме на промовирање на европската агенда и на начелата што им ги ветивме на граѓаните – нагласи претседателот на УРА во разговор за ДВ.
Прикриена тензија континуирано постои и меѓу различните етнички ентитети во Босна и Херцеговина, која повторно се јави на површина по зголемениот број мигранти што влегуваат во Република Српска, која одбива да ги згрижи на својата територија и веднаш ги транспортира до границата на соседниот ентитет на БиХ.