Во земјите од регионот се појавуваат нови случаи на заболени од коронавирусот, а здравствените власти ги менуваат препораките на дневна основа
Во регионот бројот на новозаразени лица од коронавирусот продолжува да расте. Како најкритични точки се покажаа организирањето групни собири, но и преминувањето на границите меѓу соседните земји на лицата што се носители на вирус. Во изминатиот викенд се отворија нови жаришта во Хрватска, а регистрирањето нови случаи во оваа земја, ја принуди Словенија да размисли за ограничувањето на влезот на патници што претходно престојувале во некој од хрватските градови.
Здравствените власти во Хрватска сметаат дека состојбата со епидемијата и натаму е добра, но епидемиолозите предупредуваат дека граѓаните мораат да се придржуваат кон мерките многу повеќе од претходните денови.
По одржувањето на тенискиот турнир во Задар, беа идентификувани нови позитивни на тестот за коронавирус, меѓу нив и неколку познати имиња од тенискиот свет. Има и едно дете што се фотографирало со тенисерите. Вистинските размери на овој кластер ќе се знаат по две недели. Во исто време во Загреб е забележан поголем дневен раст на заболени, а завчера достигнал до девет лица. Четворица од нив се заразиле во ноќен клуб. Во Истра има три нови случаи што се увезени од посетители, кои престојувале во Србија и во БиХ. Во Осиечката жупанија има девет калуѓерки што се заразиле од вирусот. Две од нив престојувале во странство и по враќањето во земјата не се придржувале кон мерките за самоизолација.
Во босанско-херцеговскиот ентитет на Федерацијата Босна и Херцеговина во текот на последниот ден биле регистрирани нови 93 заразени лица. Во Република Српска се потврдени нови 60 позитивни пациенти. Бројот на заболени во Косово се зголеми на 1.069 лица.
Во Црна Гора се појавија нови осум случаи на позитивни на коронавирусот. Во оваа земја има 51 активен случај. Состојбата со епидемијата се влошува и во Србија, каде што во неколку здравствени центри во земјата има двоцифрен број заболени лица. Во Клиничкиот центар во Крагуевац се хоспитализирани 44 пациенти, од нив седум се ставени на респиратори. Епидемиолозите во овој град изјавија дека состојбата во градот е „загрижувачка“ поради високиот број заразени.
– Состојбата со епидемијата на коронавирусот во Србија е потенцијално загрижувачка и потребно е стегање на обрачот околу вирусот, за да не дојде до проширување на епидемијата – изјави вчера Срѓа Јанковиќ, член на државниот Кризен штаб.
– Постојните препораки на кризниот штаб треба поригорозно да се применуваат. Како важни мерки се носењето заштитни маски во јавниот превоз и во затворените места – појасни Јанковиќ, кој го искажа личните очекувања Кризниот штаб за спречување на пандемијата, да засили некои акти со правна сила, како што е пропишување казни за организаторите на спортски настани, кои не се придржуваат кон советите секое второ место да биде празно.
Медиумите во Србија вчера ја пренесоа информацијата дека на вчерашната седница на Кризниот штаб било одлучено здравствениот центар на Бежаниска коса во Белград да се претвори во ковид-болница. По седницата на Кризниот штаб беше изменета одлуката за ограничување на бројот на луѓето присутни во затворен простор на најмалку од 500 лица, со задолжително држење дистанца. Носењето маска во затворен простор и во јавниот превоз стана задолжително. Засега е отфрлена можноста во Србија да се воведе повторно вонредна состојба, по завршување на парламентарните избори.
Владата на Македонија последната седница ги донесе протоколите за отворање и работа на приредувачите на игри на среќа во автомат-клубовите и во казината, а нивната работа во услови на пандемија, во согласност со протоколите, ќе бидат според строги правила. До крајот на неделава се очекува да почнат со работа и фитнес-центрите. Од македонската влада најавуваат и целосно отворање на границите, без сегашните услови, кои предвидуваат негативен ПЦР-тест и самоизолација или државен карантин.
– Состојбата во регионот покажува дека во сите земји има пораст на случаите и тоа значи дека ќе мора да се навикнеме да живееме со вирусот и на овој начин на лична заштита, и тоа најверојатно ќе биде уште долго, не само оваа туку најверојатно и следната година – изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Поради зголемениот број новозаразени лица со ковид-19, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, завчера одржа седница на Владата, на која беше разговарано за натамошните мерки. Здравствените власти во земјата воведоа задолжително носење маски во затворен простор односно во продавници, во трговски центри, на спортски настани, како и во кина и театри.