Новата косовска влада на премиерот Авдулах Хоти ги поништи решенијата со кои се наметнуваат мерки за реципроцитет кон централна Србија, објави РТС.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, ја поздрави ваквата одлука.
Хоти на седницата рекол дека со одлуката се отстранети сите пречки за продолжување на дијалогот со Белград, а доколку дијалогот нема поволен исход, мерките за реципроцитет повторно ќе бидат вратени.
Одлуката стапува на сила веднаш.
Хоти кажал дека одлуката е привремена и може да трае еден ден, еден месец, една година…
„Очекуваме Србија да стави крај на кампањата против признавањето на Косово. Очекуваме нашите партнери да извршат притисок врз Србија“, рече Хоти.
Владата на Косово денеска ги поништи претходните решенија на владата на Албин Курти од 20 март 2020 година за постепена примена на реципроцитет со Белград.
Претставниците на Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај гласаа против таа одлука.