Дипломатски кругови во Белград најавуваат силна меѓународна офанзива за решавање на косовското прашање, во која ќе се спротивстават плановите на Вашингтон и на Берлин. Цврстиот став на Германија за неменување на границите ќе се соочи со „мекиот“ пристап во преговорите за непостоење на „црвени линии“, зад кои стојат САД, кои се тивко поддржани и од Франција. Во игра е автономија на Србите, кои по дваесет години на референдум ќе одлучат дали да останат во независно Косово. Опција што носи ризик за менување на границите и во другите држави на Балканот
Берлин и Вашингтон се во нова меѓународна дипломатска офанзива во која ќе ги соочат различните планови и стратегии за решавањето на косовското прашање. Американската администрација фаворизира „помек“ пристап, кој не ја исклучува и можноста од поделба на Косово, додека германската канцеларка ги задржува тврдите позиции и се противи на корекција на границите меѓу Србија и Косово. Чии аргументи ќе преовладеат ќе се знае појасно по средбите на српскиот претседател Александар Вучиќ, кои ќе ги оствари во Вашингтон, а потоа и во Берлин. Според најавите, Вучиќ наредните денови би можел да се сретне со американскиот државен секретар Мајк Помпео, како и со советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Роберт О’Брајан. По ова, српскиот претседател го очекува договорениот состанок со канцеларката Ангела Меркел.
Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ смета дека Србија треба да настапи поофанзивно во пресрет на новото, а можеби и завршно одмерување на силите меѓу САД и Германија на просторот на Западен Балкан.
– Поактивниот пристап на Белата куќа е од аспект на американските избори. Не сум сигурен дека во предизборниот период е можен заеднички настап на Берлин и Вашингтон. Тоа ќе биде еден натпревар во кој Берлин нема да гледа благонаклонето на новата победа на Трамп. Србија нема никаква шанса да постигне спогодба со Берлин и со Американците неолиберали. Најдобро е да се обидеме во директни контакти со Трамп – вели Анѓелковиќ во изјава за „Новости“.
Некогашниот амбасадор во Берлин Милован Божиновиќ смета дека поради предизборната атмосфера во САД, но и поради поразите на партијата на Меркел на покраинските избори, се стеснуваат просторот и временската рамка за постигнување некакво решение за Косово.
– Поизвесно е на Вучиќ во Вашингтон и Белград да му бидат предочени плановите без дипломатски заобиколувања. На двете страни веќе не им одговара да биде отворено косовското прашање и не верувам дека предлогот на Берлин ќе биде спротивен на волјата на Вашингтон – вели Божиновиќ.
Минатонеделната изјава на Александар Вучиќ, кој изјави дека „ќе им биде понуден предлог што тешко ќе може да се одбие, но што не ќе смее да се прифати“, ја подгреа атмосферата во Србија за конечната разврска за косовскиот спор, преку реафирмација на „планот на Ахтисари, плу, плус“, што во основа значи северот на Косово, со мнозинско српско население, да добие статус на автономен регион, но во исто време ќе значи и признавање на независната држава Косово во сегашните граници. Наедно, на Србија ќе ѝ биде дадена гаранција за влез во Европската Унија.
Судејќи по пишувањето на српските медиуми и од изјавите на официјалните политички претставници, за Белград поповолна опција е онаа што се подготвува во Вашингтон, на која се придружува и Париз. „Република“ потсетува и на пораката испратена од францускиот претседател Емануел Макрон, на самитот во Берлин, со која јасно посочи дека „немаат намера да го одредуваме решението, а подготвени се да ги согледаат сите опции и разговорите да продолжат без табуа“.
– Наспроти разликите меѓу Трамп и Макрон, нивните ставови во врска со Косово се на слични позиции. САД нема да дозволат Германија да доминира на темата за решавање на косовскиот проблем, затоа што тоа ќе значи победа на „длабоката држава“ на Клинтон, која е во спрега со германските власти. Оттука е јасно дека пактот меѓу Трамп и Макрон ќе доведе до пораз на германскиот ултиматум – вели Саша Адамовиќ.
Сличен став има Дејан Милетиќ, директор на Центарот за глобализација, кој заклучува дека Трамп и Макрон немаат црвени линии кога е во прашање решавањето на косовското прашање.
– Уцените на Берлин, доколку бидат поставени, дополнително ќе ја оддалечат Србија од ЕУ. Тоа е спротивно на намерите на Вашингтон и на Париз. Канцеларката е осудена на пропаст во дуелот со Трамп и Макрон – вели Милетиќ.
Ова е српскиот поглед за посакуваниот (но засега неизвесен) исход од глобалниот „натпревар“ за Косово. Плановите во себе ја содржат и можноста за промена на границите на овие простори. Позициите на Берлин засега се цврсти, се смета дека не треба да се чепка по сегашните државни и територијални карти на Балканот, зашто тоа би ја отворило Пандорината кутија и на други места на европскиот континент. Опцијата што се изнесува од одредени дипломатски кругови, а која се однесува на тоа дека српскиот народ на Косово може по 20 години да се изјасни за останување во Косово, е голем ризик за другите балкански земји, а особено и за Македонија.
Прифаќањето на референдумот за излегување од една држава ќе остави простор и за поттикнување на амбициите на екстремните групи и партии од албанското малцинство, за „слободно“ искажување на волјата за живеење во една етничка држава. Не случајно и претседателот на општината Прешево, Шчиприм Арифи, во интервју за „Гласот на Америка“ изјави дека претставниците од општините во Прешевската Долина сакаат да се припојат на Косово, но под услов тоа да биде „неделиво“ за сите три албански општини на југот на Србија: Прешево, Медвеѓа и Бујановац.