Европскиот/медитерански сеизмолошки центар утрово објави дека се регистрирани два нови умерени земјотреси во близина на Петриња и Сисак, во Хрватска. Првиот земјотрес со јачина од 3,2 степени според Рихтеровата скала е регистриран утрово во 4:52 часот, а епицентарот бил на 12 километри југозападно од Петриња. Вториот земјотрес со јачина од 3,1 степен е регистриран во 6:37 часот, а епицентарот бил на 19 километри југозападно од Сисак.
Објавени се сателитски снимки со анализа која открива дека поради разорниот земјотрес во вторникот, земјата во Петриња се спуштила повеќе од 10 сантиметри. Снимките на Фејсбук ги објави Ален Берта, инженер по шумарство и консултант во меѓународната компанија ЦГИ, задолжен за подрачјето за набљудување на планетата.
– Сателитите покажуваат цел размер на катастрофата. Споредувајќи ги снимките од радарскиот сателит Сентинел 1 од 18-ти до 30-ти декември, гледаме дека земјата западно од Петриња се приближила на сателитот за 44 сантиметри на најизразениот дел, додека земјата на самата Петриња се спуштила за 10 до 30 сантиметри – напишал Берта.
Тој додава дека во земјотресот во Загреб земјата се поместила само неколку сантиметри во епицентарот.
– Толкаво движење на земјата е поголемо отколку за време на разорните земјотреси што се случија во Италија пред 3-4 години. Само да потсетам дека во земјотресот во Загреб земјата се движеше само неколку сантиметри во епицентарот, додека во самиот град беше неколку милиметри – стои во неговата објава.
Земјата во областа Банија се уште се тресе по разорниот земјотрес со јачина од 6,2 степени по Рихтер што во вторникот ги погоди Петриња и околината. Земјотресот беше проследен со низа последователни, а до вчера имаше 265 степени со магнитуда поголема од 1 степен, пренесува „Индекс“.